“Траги и сеќавања” е прв проект од ваков вид, каде македонски уметници од Австралија и од Македонија, изложуваат групно во Мелбурн.
Австралиско-македонските уметници Виолета Чаповска и Марјан Стојковски, заедно со уметниците од Македонија, Дарко Алексовски и Сашо Станојковиќ, се четворицата автори на изложбата “Траги и сеќавања”, поставена од 13 ноември до 12 декември, 2021, во галерија “Кунихан”, во Бранзвик Мелбурн.
Кураторка на изложбата e професорката др. Сузана Милевска, исто така од Македонија. “Траги и сеќавања” опфаќа различни уметнички позиции кои се занимаваат со тешките прашања за различните видливи траги од минатото и дискутираат за вкрстувањата помеѓу личните и колективните сеќавања.
Делата ги разгледуваат сеќавањата на личните и историските настани и ги преиспитуваат начините на кои микронаративите ги инкорпорираат остатоците од општествено-политичките турбуленции и промени.
Влезот на изложбата е слободен.