Кога ќе стигнам во училишниот двор ме дочекуваат безброј прегратки: Ивана од Македонија-учителка во Шведска, ни раскажа сѐ за животот таму

0
221

Средно медицинско, Природно / математички факултет, работа во Германија и Грција, и на крај одделенски наставник во Шведска­­ ­- не беше воопшто лесно да се направат сите овие адаптации, но кога сакате нешто целиот универзум се залага да ви помогне да го постигнете тоа. Познатата мисла на Коељо која ме води во животот. Вака велешанката Ивана ја почнува приказната за животот кој ја однел во скандинавската земја. Оваа девојка има 32 години, по потекло Македонија, а веќе 5 години живее и работи таму. Ивана е наставничка. Детално, во редовите подолу од неа ќе дознаете сѐ за животот во Шведска, како фунционира образованието, здравството, пријателството. Како се воспитуваат децата и зошто Шведска е рај за децата.

*Ивана, зошто Шведска?

-Првиот пат Шведска ме избра мене, а потоа јас ја избрав Шведска, поради сето она што го искусив кога за прв пат дојдов, точно пред 5 години. Шведска е земја каде што женската убавина не се истакнува на телевизиските реклами, земја каде децата во градинка спијат надвор без разлика колку е температурата, земја каде навечер повеќето седат на свеќи и лампи не затоа што струјата е скапа, туку поради тоа што така е пријатно.

*Тешко ли е да се најде работа, какви се процедурите, треба ли добро да се владее јазикот ? Раскажи ни го твоето искуство

-Најтешкото како и кај повеќето е визниот режим, фактот да се почне од нула, жртвата која се дава на секој нов почеток и јазикот кој не се познава.

„Ќе работам било што“ многумина ќе се препознаат во оваа реченица, посебно оние кои започнале нов живот надвор од Македонија. Најди било каква работа и почни да учиш јазик, совет кој ќе ти го дадат повеќето нашинци кои со години живеат овде и во голем процент тоа е точно. Затоа на почеток треба да сте трпеливи и спремни дека ќе биде малку тешко – како и кај повеќето, може да се случи било што и да не иде се по планираното. Но една од приоритетните работи е да се запишете на SFI-Шведски за емигранти, које ќе ви донесе подобра нова работа или ќе ви пружи прилика да напредувате во веќе постоечката фирма. Мој совет е што и да одлучите да работите, напоредно одете учете го јазикот кој се нуди овде бесплатно. За некои професии воопшто не е потребно познавање на јазик, и може да се работи со англиски. Зависно кон што сте наклонети. Можеби многупати ќе се запрашате „добро што правам јас“ но тоа и не е толку тешко доколку знаете дека тоа е само една минлива фаза. Најбитно е да си ја завршите работата онака како треба.

 

Плоштадот во Малме

 

ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ШВЕДСКА Е БЕСПЛАТНО

*Која е твојата професија во Шведска?

-Моментално работам како просветен работник во едно училиште во градот Малме. Школувањето во Шведска е целосно бесплатно, книги, тетратки, пенкала, калкулатори и сѐ останато се добива во училиште бесплатно. Во прво одделение децата добиваат ранец со лаптоп за секој ученик посебно, кој им помага да ја совладаат наставната содржина полесно преку разновидни игри. Сето тоа е на товар на општината.

 

Вака изгледа исхраната за децата во Шведска

 

Училиштата овде се целодневни и работат од 6 часот наутро до 6 часот попладне. Децата на училиште добиваат доручек, ручек, попладневна ужина и овошје, и сето тоа бесплатно. Оние кои имаат алергии добиваат специјална храна на кое се внимава многу.

*Каков е животот таму, платите, стандардот (колку е скапо, храна облека алкохол-колкави се минималните плати и може ли да се живее да речеме со минималец)

– Повеќето од работите овде функционираат он-лајн, седиш дома и пополнуваш формулар за некоја установа, шопингуваш намирници за дома, карти за воз и автобус и што ли уште не. Навистина се дигитализирани и практични.

За секоја работа можете да преговарате околу платата, зависно од искуството и знаењето кое го имате. Битно е да се знае дека овде платата се договара во БРУТО износ. Една плата е доволна да издржи две возрасни лица месец дена, тоа ви кажува се за стандардот овде. Колкава плата можете да очекувате за некоја професија можете сами да  проверите на некоја официјална страна. На пример овде: https://www.lonestatistik.se/

Ирена Ставрова

Статијата е превземена од следниот линк : Кога ќе стигнам во училишниот двор ме дочекуваат безброј прегратки: Ивана од Македонија-учителка во Шведска, ни раскажа сѐ за животот таму (zenskimagazin.mk)