Интервју со Виктор Митревски, диригент во „Theater an der Wien” во Австрија

0
798

Еден  од најпознатите  диригенти во Theater an der Wien” во  Австрија, кој дебитираше на сцената на Македонската опера и балет со комичната  опера во три чина „Аптекарот“  од Јозеф Хајдн, во режија на Уши Хорнер од Австрија. 

 За соработката со Theater an der Wien” во Виена еден од најценетите оперски куќи во Европа.

 За идните  планови  разговараме со маестро  Виктор Митревски, еден од најпознатите македонски диригенти.

 

  1. Своето високо образование го  завршивте на Универзитетот за музика и применета уметност во Виена. Од каде желбата да се занимавате со оваа професија?
  • Идејата дојде уште кога учев во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј” во Скопје од професорката по пијано, Снежана Чадиковска-Анастасова која силно ме поддржа да се насочам кон таа професија. Иако на 17 годишна возраст не бев сеуште свесен колку комплексна е таа професија која бара целосна посветеност, сепак се одлучив на тој потег кој од денешна перспектива испадна како најважна, а пред се’ и најправилна одлука која ја имам некогаш направено.

 

  1. Потекнувате од музичко семејство, Вашата сестра Елена се занимава со музика, а пак нашиот најпознат тенор Благоја Нацоски е Ваш братучед, се чини дека музиката е  дел од Вас и  Вашата фамилија, како е да се биде дел од  најпознатите уметници и дали можеме да очекуваме уметничко дело од Вас тројца?
  • Фактот што мојата генерација во нашата фамилија се музичари, се должи пред се на љубовта кон музиката која нашите покојни баба и дедо уште од најрана возраст безрезервно ни ја врежаа. Баш поради тоа, стана подразбирливо и немаше никаков сомнеж дека музиката ќе биде нашиот пат низ животот. Да се биде дел од такво семејство може да биде само привилегија и чест. На сцена тројцата заедно е тешко да не видите бидејќи сестра ми е исто диригент, а ретко кое дело бара двајца диригенти на сцена хахаха…

 

  1. Уште од најраната возраст сте дел од многу сцени како дома така и низ светот. Во 2013 година на малата сцена во Македонската опера и балет, била одржана премиерата на комичната опера во три чина „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во режија на Уши Хорнер од Австрија. Токму Вие сте диригент на оваа претстава, со која  за првпат настапивте на македонската сцена.  Како е да се биде дел од македонската сцена и во светот, кои се предностите,  но и разликите во работењето?
  • Тој проект во Македонска опера и балет ќе ми остане секогаш во пријатно сеќавање, како прв настап во Македонија. Предности и разлики во работењето надвор или дома не би рекол дека има. Се додека имате луѓе околу вас со ентузијазам, кои несебично се залагаат за доброто на проектот, тогаш успехот е загарантиран, без разлика дали во Скопје, Виена или било кој друг град. Тоа се впрочем и вистинските уметници.

 

 

  1. Диригирањето е специфична професија која сама по себе бара многу труд и вежбање, кој е патот за да стигнете  до таму?
  • Диригирањето е професија во која искуството е еден од најважните сегменти. Сите познати светски диригенти стекнале интернационална репутација со многу години макотрпна работа зад себе.  Од секој нов проект се учи нешто ново, без разлика дали е тоа концерт со некој мал ансамбл или опера со над 100 музичари во оркестар и на сцена. Впрочем, тоа е тоа што ја прави оваа професија возбудлива. Секој нов проект е нов почеток и нова авантура. Комуникацијата со луѓето околу вас е уште еден многу важен елемент кој има директно влијание врз квалитетот и конечниот резултат на крајниот продукт.

 

 

 

  1. Во склоп на овој театар,  работевте на детска опера, постои ли разлика во диригирањето  на детските опери и останатите опери? 
  • Во „Theater an der Wien”работам моментално како диригент на детските оперски продукции кои со својот уникатен концепт се едни од најуспешните уметнички проекти за публика со деца во Австрија. Разлика во диригирањето помеѓу детските опери и “нормалните” опери нема, бидејќи и во двете имам професионални музичари на располагање, а со тоа и процесот на работа на пробите останува еднакво професионален.

 

 

  1. Во моментов, веќе три години  работите во Theater an der Wien, како е да се биде дел од овој ансамбл?
  • „Theater an der Wien” е мојот втор дом тука во Виена. Навистина е привилегија да се работи во театар кој е еден од најценетите оперски куќи во Европа. Секоја сезона се подготвуваат од 6 до 8 нови премиери, меѓу кои и опери кои не се изведуваат многу често и се релативно непознати, а се исто толку оригинални и прекрасни како тие од таканаречениот железен репертоар. Веќе трета сезона работам и како хор мајстор во истата куќа, во која што „Arnold Schoenberg Chor” (Арнолд Шенберг) е матичен хор. Пред еден месец имавме премиера на „Peter Grimes”, едно од ремек делата на Бенџамин Бритен со доста комплексна хорска партија. Тоа беше впрочем продукција од 2015 година која освои награда за најдобра оперска продукција на годината во Европа. Оваа сезона на репертоарот уште се: Rappresentatione di Anima, et di Corpo од Емилио де’Кавалиери, La Wally од Алфредо Каталани , Jenufa од Леош Јаначек меѓу другите.

 

 

  1. Кои се Вашите идни планови?
  • Идните планови за сега сеуште се поврзани со Виена, имено со „Theater an der Wien”. За подалечна иднина, ќе видиме, здравје.

 

 

  1. Која е Вашата инспирација за создавање? 
  • Од време на време доаѓаат тие магични моменти кои тешко се опишуваат туку само се доживуваат. Сеедно дали е тоа на концерт, претстава или обична проба. Денеска на пример, имав проба на која меѓу другото пробавме едно дело од Арнолд Шенберг – Friede auf Erden (Мир на земјата). Тоа доживување и таа сплотеност што се случи на пробата, можеби нема да ја доживеам толку силно на самиот концерт, но среќен сум што сепак ја доживеав. Моментот кога ќе се изгубите себе си во интерес на уметноста, нема ништо поубаво од тоа за еден уметник. Без разлика дали станува збор за диригент, сликар, актер, виолинист итн. Баш тие моменти ми даваат инспирација и ме прават исполнет и се причина што ја сакам мојата професија.

 

  1. Што ќе им порачате на сите оние кои го читаат ова интервју? 
  • Се што правиме, да е со љубов и страст. Тогаш успехот е неизбежен, а воедно се стремиме и кон високи животни вредности.

 

Во продолжение заедничката изведба на старата македонска песна „Што ми е мило и драго”  оперскиот пејач Благоја Нацоски, заедно со своите братучеди диригенти, Виктор и Елена  кои ја испеаја иако и тројцата се наоѓаат во три различни држави. Еве како звучи триото од Џенова, Италија, Овиедо, Шпанија и Виена, Австрија.

https://www.facebook.com/Blagoj.Nacoski.Fans/videos/3459712144045515/