Две награди за „Хомо“ на фестивал во Италија

0
14

Филмот „Хомо“ во режија на Игор Иванов Изи освои две награди на фестивалот “Del cinema europeo“ во Лече, Италија и тоа од публиката и Cineuropa.

“И покрај трагедијата, филмот е забавен и влева надеж низ очите на детето, кога сè изгледа изгубено“, изјави режисерот Валерио Карузо кој ја додели наградата. “Хомо“ е трет долгометражен филм на режисерот Игор Иванов Изи кој истакна: „Хомо“ е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме“.

Според продуцентот Томи Салковски пак, филмот го носи духот на постиндустриската кинематографија, ослободен од потребата за монументалност и потпишан со безвременост.

По националната премиера, „Хомо“ ја имаше својата светска премиера на фестивалот во Гоа, Индија, а потоа и на серија фестивали на американскиот континент. Сценариото го потпишуваат Игор Иванов и Сашо Кокаланов.

Во филмот глумат Александар Матовски-Цако (Гоги), Наташа Петровиќ (Кети), Игор Ангелов (Поп Христо), Јордан Симонов (Адвокатот), Мајлинда Косумовиќ од Косово (Зана), Сашко Коцев (Петар), Оливер Митковски (Сократес), Сергеј Димовски (Поп Демијан), Јоана Буковски од Бугарија (Петра), Себастијан Каваца од Словенија (психијатарот Др. Улчар), Јелена Јованова (Јулија), Мони Дамевски (Вујкото на Гоги), Мартин Манев (Виктор) и Славиша Кајевски (Фантом).

Филмот e вo продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска.