ГОЛЕМИТЕ БИТКИ НА ПРВИОТ КОДИФИКАТОР НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК 147 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков

0
206

Крсте Петков Мисирков, кој беше роден на денешен ден пред 147 години, во македонската историја останува запаметен како бележит филолог, лингвист, фолклорист, публицист, политички дееец и еден од најзначајните заштитници на македонските национални особености – јазик, историја и култура.

Негово најпознато дело е книгата „За македонцките работи“ објавена во Софија во 1903 година. Во неа, Мисирков на многу јасен начин го образложува концептот за оформување на литературниот стандарден македонски јазик заснован врз централните македонски говори. Со својата дејност Мисирков изврши големо влијание врз понатамошниот развој на македонската национална мисла и литературен јазик.

Кон крајот на 19 век во османлиска Македонија делувале неколку националистички пропаганди, а меѓу нив особено била влијателна бугарската пропаганда кој имала за цел создавање на Голема Бугарија, замислена според Санстефанскиот договор. Но и покрај ова, во редовите на македонската интелигенција се појавила и друга тенденција која себе се манифестирала, не во полза на обединувањето со Бугарија, туку во оформувањето на Македонија како одделна автономна провинција.