Сојузот на спортови Скопје ги додели наградите „13 Ноември“

0
14

Традиционално, по повод денот на ослободувањето на градот Скопје, Сојузот на спортови на Скопје организира свечено доделување на наградата „13 Ноември“.

Годинава, на предлог на Комисија за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот, награди се доделени на:

Дејан Георгиевски од Теквондо клубот Бутел Скопје, наградата 13 Ноември – Спортист, за освоено второ место во теквондо на Олимписките игри во Токио, Јапонија 2021 година.

Илина Арсова планинарка – награда 13 Ноември – Спортист, за искачување во Еквадор, Јужна Америка, на пет врвови со над 5.000 метри надморска височина, како и за голем придонес во развојот на спортот.

Наградата – Тренер, се додели на Борче Костовски, кој е тренер на Дејан Горгиевски во теквондо и е заслужен за освоеното второ место на Олимписките игри во Токио, Јапонија 2021 година.

Наградата – Спортски новинар, беше доделена на Бранко Казаковски, новинар од спортската редакција на телевизија Телма, кој даде значаен придонес во развојот и унапредувањето на спортот.

Наградата – Спортски работник, ја доби Билјана Димовска, долгогодишна спортска работничка во тенискиот спорт, која има значаен придонес во развојот и унапредувањето на тенисот.

Сојузот на спортови на Скопје ја додели наградата Спортски работници за Животно дело на Насе Насев, познат и признат тренер и селектор на најуспешните борачи од државата, кои се и носители на медали од европски и светски првенства и олимписки игри, Седадин Али – Сетко, професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија и на Љубомир Котевски, планинар, планинарски водич и спортски работник.

Наградата 13 Ноември за Општествено-спортски работници се додели на Горанчо Петровски, Началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, кој повеќе од 10 години успешно ја реализира сообраќајната логистичка поставеност на маратонот и сите останати трки и настани, со што обезбедува висока безбедност при одржување на истите, и на Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, за успешен настап на нашите олимпијци на последните Олимписки игри во Токио, како и за освојувањето на сребрен медал после 20 години, а особено е заслужен и за обезбедување на нови и модерни услови за развој и унапредување на врвниот спорт.

Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје на сите добитници им ги честита наградите и им посака уште поголеми успеси и спортски резултати следната година.