– Македонско научно друштво-Битола го промовира новиот број на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, публикација финансирана од Министерството за култура.
Списанието го уредува редакција во соработка со меѓународен уредувачки одбор во кој членуваат истакнати професори од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Јапонија, САД, Саудиска Арабија, Словачка и Србија.
-Овој број е најобемното издание со 305 страници и е резултат на посветеноста, идејноста, упорноста и селективниот пристап на редакцијата на списанието во која членуваат проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, Весна Мундишевска Велјановска, проф. д-р Силвана Нешковска и Елизабета Јончиќ, тим кој соработува со истакнати колеги од странство. Посебно импресивен е дизајнот на списанието и сликата на корицата чиј автор е универзитетскиот професор д-р Бурхан Ахмети, изјави доц. д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола.
Во најновиот број на „Современи дијалози“ застапени се 86 книжевници, шест познати ликовни уметници, а читателите ќе се запознаат и со Монгани Вали Сероте, добитник на „Златен венец“ за 2012 година на Струшките вечери на поезијата.
-За нас како редакција од особено значење за квалитетот на списанието е успешната соработка со реномирани книжевници, научници и ликовни уметници од нашата земја, но и пошироко која од година во година станува похетерогена, поцврста и попродлабочена. Доказ за тоа е исполнетоста на стандардните рубрики на списанието со содржини кои имаат високи научни и естетски вредности, посочи главниот уредник на списанието, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Освен како печатено издание, списанието „Современи дијалози“ е достапно и во електронска верзија, на веб-страницата на Македонско научно друштво – Битола.