– Кривопаланчанката Наталија Лековска, професорка по македонски јазик и литература, коај една деценија живее и работи во Хрватска, доби признание и благодарница за посебни заслуги за поддшка на активностите за промоција и афирмација на македонскиот јазик, култура и традиција во Хрватска по повод јубилејот, триесет години постоење на МКД „Илинден“.
Свеченоста по повод триесет години Македонско културно друштво „Илинден“ се одржа во Хрватскиот културен дом во Риека.
-Свеченоста вклучи пригодна програма со прекрасните звуци на убавата македонска песна во изведба на хорот, оркестарот, играорната секција на МКД „Илинден“ и специјалниот гостин, Зоран Мајсторовиќ. На анстанот беа поделени и благодарници на институциите, почесните членови и оние членови кои во некои моменти биле покренувачи или поддржувачи во сите активности на МКД „Илинден“ во изминатите триесет години. Прекрасната свеченост беше заокружена во со дружење и прекрасни, вкусни, македонски специјалитети кои ги подготвија вредните раце на членовите на друштвото. Покрај признанието кое пред неколку години го добив од македонската заедница и уште неколку други признанија, премногу сум горда и на ова признание, бидејќи ова е од македонското друштво со кое соработувам долги години и го сметам како мое. Ова ми е и најголема награда за сите одрекувања и работа во промовирањето на македонскиот јазик, култура и на нашата убава Македонија во мојата втора татковина, Хрватска, изјави Лековска.
Лековска во 2008 година првпат започна да реализира настава на македонски јазик и култура по модел Ц во основно училиште „Центар“ во Риека, Хрватска.
-Истата година започна и наставата по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, потоа во 2015 година започнавме со настава во средното училиште „Прва сушачка Хрватска гимназија“ и работилница за возрасни која се одвива во македонското друштво „Илинден“ во Риека. Со школите учествувавме во различни прослави, долги низ години со учениците одевме на летна школа по македонски јазик на островот Шолта, прошетки и настапи по Хрватска со хорот и играорната секција на МКД „Илинден“, а најмногу сум горда на прошетките со децата кои ги имавме во Македонија, кадешто можеа да ги видат убавините на нашата држава. Благодарам на сите за доделената благодарница, што ќе ми биде само поттик да продолжам уште повеќе да ја промовирам мојата сакана Македонија и својот роден град Крива Паланка во мојот прекрасен втор дом, Република Хрватска и насекаде во светот, додаде Лековска.