0
31

Пијанистката Ана Велиновска гостуваше на 100-годишниот јубилеј на фестивалот Денови на музиката во Донауешинген во Германија – најстариот и најпознатиот фестивал за современа музика во светот.

Оваа година, на јубилејното издание на фестивалот беа поканети најзвучните композиторски имиња и изведувачите на нивните дела (меѓу кои и Велиновска), како и музиколози, истражувачи и професори од најреномираните Универзитети за музички уметности во светски рамки.

Пред гостувањето на фестивалот во Германија, Ана Велиновска настапи повеќепати и на концерти и фестивали во Швајцарија, меѓу кои и на фестивалот Звуци на Алипите во срцето на швајцарските Алпи; како и на фестивалот Анаморфози, каде настапи како пијанист-солист и дел од квартет со нејзини колеги од Швајцарија, Колумбија и Јапонија.

 

Во септември, Ана Велиновска свиреше и на еден од водечките фестивали за класична музика во светот, Луцерн Фестивал, со швајцарска премиера на дело од англиската композиторка Ребека Саундерс. Истата недела кога дебитираше на Луцерн Фестивал, Ана Велиновска настапи и на други два концерта во Швајцарија, кои се одржаа истовремено, но во две различни концертни сали (во едната концертна сала настапи пред публиката, а во другата сала нејзиниот настап се емитуваше во живо, на екран за публиката – со тоа Велиновска е меѓу првите пијанисти во светски рамки со истовремен настап во две концертни сали). 

Во наредниот период, македонската пијанистка Ана Велиновска интензивно ќе соработува со композитори од различни земји и ќе изведува дела од современата литература за пијано. Композиторите чии дела ќе ги изведува се од Германија, Англија, Франција, Италија, Полска, Австрија, Данска, Русија, Швајцарија и Белгија. Само дел од концертните ангажмани на Ана Велиновска во Швајцарија и Германија, во наредниот период вклучуваат: Концертен серијал за современа музика Чекор преку границата (9 ноември); Подиум за современа музика (24 ноември); Фестивал за нова музика (10 и 11 декември); Концертен серијал Композиции за изведувачи/Изведби за композитори (12 јануари 2022 година); Фестивал за современа музика Без граници (28 јануари 2022 година); Настап на Академијата за современа музика при Универзитетот во Луцерн, Швајцарија (10 февруари 2022 година); Концертен серијал за современа музика Чекор преку границата заедно со Штефан Принс од Белгија (15 март 2022 година); Фестивал Начин на перцепција (6─8 мај 2022 година – за ова издание на Фестивалот, Велиновска е одговорна и за селекција на композитори чии дела ќе се изведат); Концерт Дитер Аман ─ Омаж (20 мај 2022 година); Подиум за современа музика (мај 2022 година); Фестивал Денови на нова музика во Швајцарија (30 јуни─3 јули 2022 година); Фестивал Денови на музиката во Донауешинген (20─23 октомври 2022 година); Фестивал за нова музика (ноември 2022 година); Подиум за нова музика (декември 2022 година); Пијанистички рецитал со современа музика (jануари 2023 година); Фестивал за нова музика и мултимедија Промена на сцени (27 и 28 јануари 2023 година).