Зголемено интересирањето за македонскиот јазик во училиштата во Лесковац

0
38

Децата што посетуваат настава во основните училишта во Лесковац покажуваат сѐ поголемо интересирање за следење на предметот Македонски јазик со елементи на националната култура. Годинава има рекорден број ученици што се пријавиле да следат часови по македонски јазик во Лесковац и во Богоевце.
– Нашата мисија ја почнавме пред шест години, кога првпат учениците можеа да следат часови по македонски јазик во училиштето „Коста Стаменковиќ“ со 39 ученици, а во „Бора Станковиќ со 18 дечиња. Почнавме со настава од петто до осмо одделение, на која се изучува Македонски јазик со елементи на националната култура. Сега наставата се следи од прво до осмо одделение – ни изјави Ивана Ковачевска Цветковиќ, член на Националниот совет на македонската заедница во Република Србија.
Ивана Станковиќ и Сања Јовановиќ се две млади наставнички, кои го предаваат овој предмет во основното училиште „Коста Стаменковиќ“ во Лесковац.
– Во нашето училиште ја имаме најголемата бројка на изјаснети ученици на територијата на цела Србија, кои сакаат да го изучуваат овој предмет. Засега имаме над 110 дечиња што се одлучиле да го учат македонски јазик како изборен предмет, но анкетирањето сѐ уште трае – велат наставничките Ивана и Сања.

Наставата на македонски јазик се следи и во приградското основно училиште „Бора Станковиќ“ во Богоевце, каде што во моментот се изјаснети над 60 дечиња.
– Во наставата учениците се оспособуваат да имаат правилна усна и пишана комуникација на македонски јазик, се поттикнува љубопитноста да научат нови зборови и така да го збогатат својот речник, да се запознаат со богатата ликовна и музичка култура и македонската традиција. Наставата се креира и презентира на интересен начин, да се приспособи на учениците за без тешкотии да го совладаат материјалот – вели наставничката Александра Арсиќ.
Наставната програма е изработена во соработка и координација на Националниот совет, чиј претседател е Борче Величковски, со одборот за образование, предводен од Маре Каранфиловска и директорите на основните училишта во Лесковац. За зголемениот број деца што го изучуваат македонскиот јазик придонесоа и активностите на членовите на здружението на Македонците „Илинден“ од Лесковац и нивниот претседател Ивана Цветковиќ, кои во разговор со родителите што имаат и македонско потекло ја искажуваа потребата да се изучува јазикот.
Националниот совет на македонското национално малцинство секоја година на учениците им обезбедува доволен број учебници и лектири, како и потребен училишен прибор, награди за наставниците и најдобрите ученици, но постои потреба и за зголемување на фондот на книги на македонски јазик. Од здружението „Илинден“ апелираат до издавачките куќи во матицата Македонија, кои сакаат да подарат книги, да одвојат одреден број изданија за овие, но и за другите училишта каде што се изучува македонскиот јазик во Србија. Предметот Македонски јазик со елементи на националната култура се изучува во повеќе од десетина училишта во Србија.