– Празникот 11 Октомври во Париз се одбележува со два културни настани, со концертот организиран во рамките на Проектот за соработка меѓу Општинскиот Конзерваториум на Ливри-Гарган, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ЗМП Полихимнија од Скопје и изложбата „Омеѓени приказ(н)и“ од проф.д-р Тони Васиќ, во Амбасадата на Северна Македонија во Париз, јави дописникот на МИА.
Синоќа, на покана на градоначалникот на општината Ливри-Гарган, Пјер -Ив-Мартан, амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов присуствуваше на концертот организиран во рамките на Проектот за соработка меѓу Општинскиот Конзерваториум на Ливри-Гарган, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и ЗМП Полихимнија од Скопје, инициран и подготвен од директорката на Конзерваториумот проф. Елена Стојческа и проф. Наташа Еленова од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Покрај учеството на македонските флејтистки Богдана Бушевска и Елена Стојческа, поради здравствените мерки на сила во Франција, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ се вклучија на концертот преку видео-врска.
Во своето кусо излагање, амбасадорката Чаушевска Димов истакна дека „овие уметничко-педагошки проекти ги збогатуваат и продлабочуваат врските меѓу младите“(…), а „поддршката на меѓунардни проекти од областа на образованието и културата претставува поддршка и негување на европските вредности, каков што е мултикултурализмот“.
Овој музичко-педагошки проект ќе биде заокружен со одржување мастер-класови со учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, до крајот на годината.
Исто така, учениците од Конзерваториумот на Livry-Gargan, вечерва, ќе учествуваат со музичко интермецо на отворањето на изложбата „Омеѓени приказ(н)и“ од проф.д-р Тони Васиќ, во Амбасадата на Северна Македонија во Париз.234