Посета на седиштето на ЗГМНМ „ВАРДАР“ КАЧАРЕВО

0
511

На 5 Октомври Директорот на Агенцијата за иселеништво, во придружба со соработниците Билјана Костова и Зоран Арсов, го посетија седиштето на Здружението на Граѓаните на Македонското Национално Малцинство „ВАРДАР“ од Качарево и Центарот за заштита на традицијата и посебностите на Македонската Национална Заедница во Србија „Тоше Проески“

На средбата претставниците на Здружението информираа за активностите и богатата програма која ја реализираат преку своите секции и тоа: пејачки хор, драмска секција, работилница за ракотворби, домашна кујна, и друго, со кои настапуваат на локални фестивали и манифестации и ја промовираат македонската култура.

Здружението традиционално организира Денови на Зелникот, Гајдијада и други настани кои имаат цел да ги сочуват македонските традиции и инструменти кои постепено сметат дека изумираат во иселеништво.

Во рамки на Здружението функционира и настава по македонски јазик која е во фаза на усовршување со нов наставен кадар, простории и учебен материјал. За таа цел, Агенцијата за иселеништво им подари учебни помагала за успешен полеток на училишната година, а во иднина ќе ја збогатува наставата по потреба.

Воедно домаќините информираа дека во Качарево постои Македонско катче во рамки на Градската библиотека, но истото е со мал фонд на книги со многу постари содржини. Побараа од Агенцијата за иселеништво да се испратат книги со современи содржини од современи автори на македонски јазик, со цел привлекување на помладата генерација да чита и да го негува мајчиниот, македонски јазик.

Директорот Близнаковски информира дека Агенцијата за иселеништво ќе достави книги до Градската библиотека и дека ќе настојува да се одржува современиот фонд на книги во рамки на Македонското катче.

На средбата во просториите на Здружението, Директорот Близнаковски врачи Благодарница упатена до Националниот Совет на МНМ во Р.Србија, во чест на досегашната соработка со Здруженијата во рамки на САМС-невладиниот сектор при Националниот Совет.