ОСНОВЕЦОТ БРУНО ИВАНОВСКИ ОД КУМАНОВО ВТОР ВО СВЕТОТ НА ЛИТЕРАТУРЕН КОНКУРС НА СВЕТСКИОТ ПОШТЕНСКИ СОЈУЗ

0
11

Писмото на Бруно Ивановски, ученик во ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово, е избрано за најубаво писмо во државата и второ во светот, на Меѓународен литературен конкурс на Светскиот поштенски сојуз на тема „Напиши писмо до член од твоето семејство со искуството со ковид-19“. Меѓународниот литературен конкурс по повод 9 Октомври – Светскиот ден на поштите, го реализираше Пошта на Северна Македонија во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија.

Деветоодделенецот Бруно писмото го пишува на своите баба и дедо, кои не ги видел една година и со многу емоции им раскажува како тој го доживеал страшниот вирус, кој го затворил училиштето и го отргнал од другарите и неговата безгрижност. Дополнителен страв и грижа за него и неговото семејство предизвикало сознанието дека неговиот татко се заразил со ковид-19.

„Бабо, јас навистина чувствувам страв. Три-четири месеци се мачам, но морам да бидам искрен и да ти откријам една тајна, колку и да звучи страшно. Не сакавме да те вознемириме, но тато се избори со вирусот. Сега кога помина можам да ти раскажам, убеден дека спокојно ќе ја примиш веста. Да, бабо, тато наш, твојот син. Голем како карпа, силен како лав. Лежи во собата со треска. Стуткан на креветот, мислиш смален. Не личи на него. Најсилниот зарем е можно да потклекне? Седев во мојата соба и тагував, бабо. Тагував за неизвесноста, што ли нè очекува, што ќе се случи со тато. Пробував да се смирам со играчките на компјутер, но залудно. Моето срце чукаше толку силно при самата помисла дека вирусот е тука во нашиот дом. Додека владееше ноќната тишина, ги слушав чекорите на мама. Сигурно ја мери температурата на тато. Се молев за тато, за мене, за брат ми, сестра ми, но и за мама. Таа нè гледа нас кога сме болни, а сега и тато го негува како мало дете. Беспомошен е, блед, со вкочанет поглед. Ме плаши помислата дека ќе го задржат во болница. Но моите молитви се посилни од ковид. Сончевото утро во ноември, ми навести добра вест. Тато доби уредни резултати и малку по малку започна да му се враќа свежината. Оттогаш до денес повремено се жали на задишаност. Не грижи се, бабо. Тој редовно прави лекрски прегледи. Јас да ти кажам, сега се грижам за вас. Не можам да ве видам, да ве гушнам и да ги јадам твоите најубави и најмиризливи кифли со фил од јаболко“, напишал во писмото Бруно.

Родителите, менторката Сузана Цветковиќ и наставниците во училиштето се пресреќни за големиот успех и светското признание на Бруно.

„За мене оваа награда е од многу големо значење, бидејќи во светот е промовирано името на моето училиште, мојот град и татковината“, кажа Бруно.

По повод 9 Октомври – Светскиот ден на поштите, генералниот директор Јани Макрадули ги прими наградените ученици, им додели дипломи, посакувајќи им понатамошен успех во нивното образование.

Пристигнатите литеретурни творби на конкурсот ги оценувало жири во состав Горјан Петрески, Марија Таушанска-Анастасовска и проф. Мустафа Ибрахими, а покрај Бруно Ивановски наградени се и Стефан Петровски од ООУ „Панко Брашнаров“ во Велес, Арлинда Рамадани од ООУ „Фан Ноли“, Требош, Тетово.

Комисијата ги пофали литературните творби на Дарија Трендафиловска од ООУ „Магдалена Антова“, Куманово, Дафина Лимани од ООУ „Имри Елези“, Скопје, Михаела Мојсоска од ООУ „Круме Кепески“, Скопје, Михаела Ристова од ООУ „Синиша Стоилов“, Зрновци и Елза Беќири од ООУ „Фан Ноли“, Требош, Желино.

Победник на годинешниот Меѓународен конкурс за пишување писма е 14-годишната Нубајша Ислам од Силхет, Бангладеш. Таа го доби првото место за своето писмо до нејзината мала сестра за тешкотиите со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата ковид-19.

Наградените писма се објавени на официјалната страна на Светскиот поштенски сојуз.