„Хомо“ на Игор Иванов Изи ќе се прикажува во Америка

0
11

„Скопје Филм Студио”, продукциската куќа на долгометражниот филм „ХOMO“ во режија на Игор Иванов Изи, склучи договор со Јавната Медиумска Групација од САД (Public Media Group of Southern California) за дистрибуција на филмот за американскиот пазар. Со овој договорот, “Public Media Group“ се здобива со лиценца за прикажување на филмот на повеќе канали и медиуми. Во рамки на оваа Групација, филмот ќе биде достапен на територијата на САД на сите нивни канали, преку директен сателитски пренос и преку интернет протокол за ТВ (IPTV). Со потпишувањето на овој договор, македонскиот игран филм “ХОМО“ станува достапен за гледачите во Соединетите Американски Држави (САД).

Овој чекор претставува голем успех за продукциската куќа “Скопје Филм Студио“, кој претставува показател за континуираната и посветена работа за третманот на продуцираните македонски филмови во форма на емитување и прикажување, не само на македонскиот, туку и на пазарите во Европа и пошироко. По серија учества на голем број реномирани филмски фестивали, “ХОМО“ својот филмски пат го продолжува на светскиот пазар и продолжува да е вистински Амбасадор на македонската кинематографија, континуирано давајќи придонес и промовирајќи го македонскиот филм во меѓународни рамки.

Драмата “ХОМО“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери.  И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија)

Актерската екипа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.