Претставата „И коњите ги убивааат, зар не?“ на битолски театар е најдобра на 55 МТФ „Војдан Чернодрински“

0
11

Прилеп,

– Претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ на битолскиот театар е најдобра претстава во целина на годинашниов 55 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а Мартин Кочовски ја има наградата за најдобра режија на оваа претстава.

Ова е одлуката на фестивалското жири во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер и театрологот од Србија Александар Милосављевиќ.

Жирито одлучи да ја награди и претставата „Мојот маж“ на Драмски театар од Скопје за севкупен уметнички ангажман  и резултат на авторот и на актерите.

Актерот Јордан Симонов е добитник на наградата за најдобра машка главна улога за улогата на Филип во претставата „Мој термин“ на Македонскиот народен театар, а Наталија Теодосиева има остварено најдобра главна женска улога, со улогата на неколку ликови во претставата „Мојот маж“ на Драмски театар.

За најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“ му е доделена на Горан Стојаноски за улогата на Силвестер во претставата „Крик за љубов“ на охридскиот театар, а актерката Гентијана Рамадани за најдобра епизодна женска улога за улогата на Ина во претставата „Мурлин Мурло“ на албанскиот театар.

Сабина Мемиши е добитник на наградата за млада актерка за улогата на Олга во претставата „Мурлин Мурло“, а наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Исидор Јованоски за улогата на Оливер Глембај во претставата „Глембаеви“ на прилепскиот театар.

Наградата за најдобра сценска драматизација им се доделува на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска во претставата „Мојот маж“ на Драмски театар. Најдобра е сценографијата на Ивана Кнез за претставата „Глембаеви“ на прилепскиот театар, а костимите на  Роза Трајчевска–Ристоска се најдобри за претставата на Драмски „Мојот маж“.

Фестивалското жири наградата за кореографија и сценски движења му ја додели на Игор Киров за претставата „Едип коментари“ на штипскиот театар, а групата Фолтин ја доби наградата за најдобра музика за претставата на битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“.

На годинашниов Фестивал најдобар рекламен материјал направи Борче Димитријоски за претставата „Едвард раце ножици“ на Театарот за деца и младинци.

Наградите ќе бидат доделени вечер во прилепскиот народен театар. Во чест на наградените првенците на Драмски театар ќе го изведат омажот „Драмски за Конески“ за великанот на македонскиот јазик, литература и култура Блаже Конески. Со тоа ќе биде затворен годинашниов 55 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.