Интервју со европскиот јуниорски шампион Стојановиќ: Целта ми е да одам и на Светско

0
188
Стефан Стојановиќ го освои златниот медал на Европското првенство во Тампере, Финска/Фото: facebook/Карате федерација на Македонија

Мислам дека има интерес за каратето во Македонија, сметам дека доволно се вложува во овој спорт и затоа има и резултати – вели македонскиот каратист Стојановиќ.

Каратето уште еднаш потврди дека е еден од лидерите во македонскиот спорт кое продолжува да носи нови големи успеси на меѓународната сцена. Резултати кои треба да се почитуваат и вреднуваат и тој континуитет успешно се одржува и во иднина имаме каратисти кои на најдобар можен начин ја претставуваат нашата земја во сите возрасни категории.

На 48 Европско првенство во Тампере (Финска) за кадети, јуниори и помлади сениори каде што учествуваа 45 држави, Матеј Белистојановски беше „бронзен“ во категоријата до 55 кг во кадетска конкуренција, потоа Андреј Басаров кај кадетите го освои среброто (категорија +70 кг), второпласиран во категоријата -67 кг за помлади сениори беше Столе Смилковски, а со златен медал се закити Стефан Стојановиќ (категорија над 76 кг) и стана европски шампион во најтешката категодина за јуниори.

Веб порталот на „Слободен печат“ направи интервју со Стојановиќ околу неговите почетоци, клубот во кој тренира, успешниот настап во Тампере, следните активности, повеќе прочитајте во продолжение.

Како започна љубовта кон каратето, што беше мотивот да бидете дел од овој спорт?

– Првите почетоци со каратето ми беа на 6 годишна возраст, пред тоа пробав да се занимавам со ракомет и пливање, но моите родители проценија дека според мојот темперамент е подобро да се занимавам со ракомет.

Во кој клуб тренирате, колку сте задоволни од условите за тренинзи, кои се вашите тренери?

– Тренирам во Карате Клубот Макпетрол, имам тројца тренери, тие се Бошко Заборски и Петар Заборски, и кондиционен тренер Иван Тиосављевиќ. Условите за тренирање ни се одлични.

Честитки за освоениот златен медал за јуниори на Европското првенство во карате во Тампере, кажете ни нешто повеќе околу тој настап и колку беше силна конкуренцијата?

– Нa турнирот имаше силна конкуренција, имав пет борби во сите извојував победа. Се натпреварував со натпреварувачи од Франција, Чешка, Летонија, Полска и финалето ми беше со натпреварувач од Италија. Борбата со Италијанецот беше многу неизвесна и во последните секунди успеав да победам со 5:4. На овој турнир имаше 998 натпреварувачи.

Кои се вашите досегашни најголеми успеси на турнирите и кои се следните чекори кои сакате да ги остварите во иднина?

– Поважни успеси ми се три државни првенства првак, 2019 Кроација Опен трето место, 2020 Кроација Опен трето место, 2019 Европското првенство во Алборг, Данска петто место, 2020 Европското првенство во Будимпешта петто место и сега на ова Европско првенство златен медал.

Јас сега преоѓам во друга категорија, т.е. од јуниори во помлади сениори. Во наредниве месеци ќе се одржи државното првенство кое ќе биде изборно за следното Европско првенство и тука треба да се докажам дека сум најдобар во мојата категорија, а понатаму доколку ги остварам моите цели, освен на Европско, посакувам да одам и на Светско првенство.

Верувате ли дека има интерес за каратето во Македонија, дали доволно се вложува во подготовките и настапите со цел истото биде промовирано на најдобар можен начин.

– Мислам дека има интерес за каратето во Македонија, сметам дека доволно се вложува во овој спорт и затоа има и резултати.

Кој е вашиот спортски идол и зошто?

– Спортски идол ми е Арага Рјутаро, тој е исто така каратисти и ми се допаѓа неговата техника на работа.

Покрај каратето, како изгледа еден ваш обичен ден, дали имате други спортови како рекреација, хоби..?

– Јас сум четврта година во Методи Митевски Брицо, така што посетувам настава. Од понеделник до петок имам двапати на ден тренинзи. Покрај каратето, сакам да играм фудбал и да се забавувам со пријателите.

Што треба да го краси еден каратист, воопшто спортист за да може да верува во добар резултат?

– Еден спортист за да има добар резултат првенствено треба да верува во себе, да работи многу, напорно да вежба, да не се откажува од своите цели и резултатот ќе дојде сам по себе.

Превземено од : Слободен Печат

Разговорот  го водел : Фидан Коминовски