Александар Таци

0
30

Компанијата „Great.com“ е еден вид Робин Худ. Базичната идеја е дека целиот профит го даваме во добротворни цели. Начинот на кој заработуваме е преку маркетинг. Клиенти ни се онлајн-казината, а сите играчи што ќе се регистрираат преку нас ни носат профит кој автоматски оди во хуманитарни цели. Досега имаме собрано околу еден милион евра

Кога од мал ќе го разбереш потенцијалот на интернетот и ќе го искомбинираш тоа со својата љубопитност, компетитивност и желба секогаш да научиш нешто ново, ќе го добиеш нашиот Александар Таци. Овој 34-годишен скопјанец е SEO специјалист, што во светот на интернетот важи за една од најважните работи за добро оптимизирани веб-страници.
Прво, за тие што не знаат, SEO значи оптимизација на онлајн-пребарувачи. Работата на Александар е веб-страниците на неговите клиенти да стојат што е можно погоре на страниците со резултати на пребарувачите.

Александар веќе неколку години живее на Малта, а поради условите што ги нуди овој дигитален свет, работи со клиенти низ целиот свет. Негова најголема професионална гордост засега е работата со „Great.com“, каде што нудат уникатни услуги и притоа целиот профит го донираат во хуманитарни цели.
– Бев прилично мал и имав среќа да имам интернет уште пред 1999 година. Тогаш интернетот најчесто го користев за пребарување, слики, музика и слично. Малку подоцна почнав да користам „mirc32”, кој беше еден вид комуникација со луѓе од целиот свет – вели Таци.

 

Отсекогаш ме влечел маркетингот

Александар отсекогаш го интересирал маркетингот, па затоа и во тој правец го насочил своето образование. Сепак, сè што е врзано со денешната негова професија и остатокот од интернет-алатките што тој ги има усовршено го има научено сам, посетувајќи онлајн-курсеви што се достапни за сите.

– Да бидам искрен отсекогаш го гледав интернетот како иднина. Самиот факт што интернетот го поврзува целиот свет е доволен индикатор за мене дека тука е иднината. Основно образование завршив во „Димитар Македонски“, а средно во „Георги Димитров“. Студирав маркетинг-менаџмент. Немам посетувано никакви курсеви, меѓутоа, имам прочитано и изгледано премногу часови за дигитален маркетинг и за сè друго што ме интересирало. До денес останува истото, односно константно надградување и едуцирање онлајн – додава Таци.

На 13 години обид за прва веб-страница

Првото работно искуство на Таци е исто така поврзано со интернетот. Уште на 13-годишна возраст тој и негови другари имале обид да направат веб-страница. Тоа бил само почетокот, а константното надградување и амбиција уште повеќе го навлекле на интернетот.

– Како што растев, така научив многу повеќе и секогаш бев љубопитен да разберам како функционира интернетот. По природа сум доста компетитивен, така што SEO беше тоа што најмногу ме влечеше. Во меѓувреме работев и други работи, како дизајн, е-спорт, па и менаџмент на фамилијарен бизнис – вели Александар.

 

На Малта „завршив“ случајно

Таци на Малта „завршил“ сосема случајно. Паралелно со интернетот, негова огромна опсесија е музиката. Од мал свири гитара, а пред 6-7 години со неговиот бенд одлучиле да отидат на Малта за да работат на првиот албум. Откако стигнал, сфатил дека тој остров е измислен за него и одлучил да се пресели таму. Малта му овозможува полесно да си ја врши работата, но и поволната клима била доволен аргумент за да остане.
– Овде уште подобро можам да дејствувам со мојата работа, а и дефинитивно ја обожавам оваа клима – кажува Таци.

 

Спонтано почнав да работам за „Great.com”

Како SEO специјалист, Александар првите пари ги заработил на 21 година. Тој моментално е SEO за „Great.com”, „Altaro.com” и „Net Value Media”. Оосбено се гордее со приказната со Great.com. Станува збор за уникатен тип на маркетинг-компанија, која рекламира онлајн-казина, а целиот дел од профитот го донира во хуманитарни цели.

– SEO се смета како еден од најтешките канали во дигиталниот маркетинг, а така е бидејќи алгоритмите константно се менуваат и стануваат попаметни, така што мора цело време да сме во тек со промените. Компанијата „Great.com” е еден вид Робин Худ. Таа е основана од Ерик Бергман, а базичната идеја е дека целиот профит го даваме во добротворни цели. Начинот на кој заработуваме е преку маркетинг. Клиенти ни се онлајн-казината, а сите играчи што ќе се регистрираат преку нас ни носат профит кој автоматски оди во хуманитарни цели. Досега имаме собрано околу еден милион евра. Мојата соработка со Ерик почна случајно. Тој, исто така, живее на Малта и откако имавме многу средби и прошетки, каде што разменувавме искуство и знаење, ми понуди да работам за него – вели Таци.

 

Сакам да сум среќен и горд со тоа што го правам

Секогаш размислува за иднината, особено во поглед на неговата професија. Вели дека е среќен што го работи тоа што го сака и притоа заработува повеќе од доволно. Во изминативе три години Александар се свел на три клиенти и засега нема планови да се шири и да се менува во нареднава година.

– Идејата за „Great.com” е долгорочна. Гледаме напред во наредните педесет години. Среќен сум со тимовите и со работата. Заработувам повеќе од доволно и не планирам да се ширам. Не гледам автоматизација на мојата професија бидејќи алгоритмите се менуваат, така што сметам дека ќе постои сè додека има и пребарувачи на интернет. Цел ми е секогаш да сум среќен и горд со тоа што го правам – завршува Таци.