Кавадарци,
– Во Тиквешко се одбележуваат „Европски денови на културното наследство 2021”. Денеска во Музеј на град Неготино беше отворена изложбата „Икони и иконостаси од црквите и манастирите од општина Неготино од 18. до почеткот на 20. век“, а во Музеј – галерија Кавадарци беше отворена изложбата на дела од ликовни уметници, „Соња, Горан, Лазар и нивни гости“.
Како што информира Цветанка Митрева, виш кустос во Музеј на Демир Капија, оваа културна институција утре ќе реализира организирана посета и работилница насловена „Музејот во очите на децата од Специјалниот завод во Демир Капија“.
„Европските денови на културното наследство 2021” е манифестација која се реализира од 22 – 28 септември.
-Европските денови на културнотo наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Низ повеќе од 70 000 настани што се организираат во пеесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција, оваа сеевропска иницијатива има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за заедничкото – европско наследство. Во текот на повеќедецениската реализација, Европските денови на културното наследство прераснаа во најголем европски проект поврзан со наследството, што успешно ја промовира инклузивноста и ја поттикнува креативноста и имагинацијата на граѓаните на Европа, велат организаторите на културните настани.