Родена во Скопје, своето средно образование го завршува во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на професорката Бети Станковска, а додека пак студиите ги продолжува во Париз, Франција и во Италија, каде што дипломира, магистрира и се специјализира (флејта, пиколо флејта и педагогија), во класите на врвните професори Пјер Ив Арто, Петер Лукаш Граф, Винсент Лука и Пјер Думај. Завршува и повеќе мајсторски училишта со реномирани професори, меѓу кои Аурел Николе, Ирена Графенауер, Патрик, Галоа, Беноа Формаже, Феликс Ренгли и повеќе други.
На флејта свири од нејзината осумгодишна возраст, ја привлекле формата и тонот на инструментот. Вели дека за изборот на флејтата, пресуден бил првиот контакт со професорката Бети Станковска во чија класа поминала прекрасни 9 години, а за да биде музичар, значајно е влијанието на нејзините родители со нивната безрезервна љубов, поддршка и музиката со која ѝ овозможиле да израсне.
- Зошто се одлучи да се занимаваш со уметност и да изучуваш дувачки инструмент?
Без поддршката од моите родители секако немаше да бидам тука каде што сум денес и во оваа професија. Професорката Бети Станковска ми влеа многу љубов кон инструментот, кон музиката, кон сцената и создаваше интересна и мошне мотивирачка динамика во нејзината класа. Мотивацијата кај мене се разви и поради високиот квалитет на образование со кое имав среќа да се стекнам во музичкото училиште Илија Николовски-Луј.
Со нетрпение го чекав секој следен час, едноставно во музиката се пронајдов себеси па одлучив доста рано тоа да биде моја професија. Влијание во изборот понатаму да бидам флејтист имаше и Илија Зимбо, прекрасен флејтист со посебен талент кој исто така беше во класата на професорката. За жал, Илија Зимбо замина прерано, но паметам дека често имаше час по флејта пред мојот. Јас бев почетник, а тој веќе во средното музичко училиште.
Мајка ми често присуствуваше со мене на часовите, па по секој час кога имавме прилика да го слушаме, воодушевена и велев дека кога ќе пораснам сакам да свирам како него.
По добивањето на француското државјанство и успехот на државните конкурси за педагогија, Елена Стојческа е номинирана за редовен професор по уметност, дисциплина флејта на Конзерваториумот за музика и балет Ливри Граган. Професор е и во Конзерваториумот „В. А. Моцарт”- Конзерваториум на центарот на Париз.
- Вие сте професор на Конзерваториумот на Центарот на Париз „В.А. Моцарт“, како и на Конзерваториумот на Ливри Граган, како е да се биде професор во Франција, со кои предизвици се соочувате во парискиот образовен систем?
Во мојата професија не е важно каде се наоѓам географски, туку што имам да им пренесам на студентите. Секој студент е предизвик, секој час е уникатен, се адаптираме и ја адаптираме нашата педагогија на секој ученик, на институцијата во која работиме, на општествената и културна еволуција и политика. Пандемијата која сеуште трае е посебен предизвик и тест за нашата иновативност.
Последнава година и половина освен тоа што задржав дел од мојата педагошка активност, работам и како директор на конзерваториумот на Ливри-Гарган. Таа функција донесе свои предизвици во време на пандемија, но и бесценето искуство. Успеавме да задржиме непрекината активност, во поголем дел со физичко присуство. Ги одржавме сите испити и концертни активности а со тоа и мотивацијата кај студентите.
- Ако ја прочитаме Вашата биографија ќе заклучиме дека имате зад себе големо искуство, како теоретско така и практично, на што ги учите Вашите студенти кои чекорат на пат кон успехот?
Можеби кога би раговарале за 40 години би рекла дека имам големо искуство зад себе. Се трудам мојата педагогија да еволуира според искуствата кои секојдневно ги стекнувам, според размените кои ги имам со колегите, според моите идни размислувања и истражувања во врска со наставата по флејта. Оваа концепција за педагогија која е во постојана еволуција е од суштинско значење за мене.
Важно ми е секогаш да останам отворена кон наставни практики со кои не сум запознаена за да го развијам мојот педагошки и дидактички пристап. Некои од моите студенти се професионализираат во музиката, други ја продолжуват нивната музичка активност како аматери. Јас сум пресреќна кога знам дека успеале да си го најдат патот и се реализираат во професијата која ја одбрале. Конкретно за музиката, го пренесувам она што и јас сум го научила и сеуште го учам.
И најважно, да не се концентрираат само на флејтата, туку основна цел секогаш да им е музиката и секогаш да се трудат да ги почитуваат и до максимум да се доближат до идејата на композиторите.
- Заминувате во Франција уште пред 25 години, за да го формализирате Вашето образование, со кои предизвици се соочивте за време на Вашиот престој во Франција?
Првиот и основен предизвик беше да научам веднаш да сум самостојна како во секојдневниот живот, така и во работата, далеку од најблиските. Париз е голем град, јас бев сеуште малолетна кога дојдов да студирам тука, понекогаш не се чувствував безбедно и бев многу претпазлива. Едноставно морав веднаш да покажам големазрелост и снаодливост.
Во Македонија, во средното музичко училиште имав 3 часа по флејта неделно, плус по некоја дополнителна проба со професорката. Концерти, натпревари, проби, денот ми беше исполнет со часови по теорија и пракса. Малку време остануваше во текот на денот да свирам за себе. Практично “вежбав“ на часовите со професорката. Во Франција на било кое ниво, имаме 1 час неделно, обврзни предмети имавме малку, па имав време секојдневно да свирам по 6-7 часа и да подготвувам сама различен репертоар секоја недела.
- Вашето долго годишно искуство во областа на уметноста Ви дава за право во целост да ги коментирате образовниот процес во Република СевернаМакедонија во компарација со Францускиот образовен систем. Што му недостасува на македонскиот образовен систем?
Секој систем си има свои квалитети, како и простор за подобрување. Принципот на музичко образование во Македонија е спротивен на оној во Франција, бидејќи музичкото училиште во Македонија има за цел од почеток да обучи идни професионалци и нуди елитистичко образование со избор на ученици од рана возраст, приемни испити и контролни испити секоја година. Тоа е така затоа што во Македонија има специјализирани средни училишта, а учениците се ориентираат кон професионализација веќе на крајот на основното училиште.
Во Франција генерално тоа е по матурата, па селекција има само за оние кои се професионализираат. Основна цел на француските конзерваториуми и музички училишта е обуката на аматери и да се овозможи лесен пристап кон специјализирано музичко образование за сите. Обуката за професионален музичар од која јас бенефицирав е само мал дел од музичкото образование, иако важен за одржливоста на француската музичка понуда. Со принципот да нема селекција и развивањето на партнерства со основните и средните училишта, конзерваториумуот станува важен дел од државната политика за развој на уметничкото образование. Се случува во класата да имам деца со потешкотии, деца кај кои и најмалиот резултат е голема победа. Изучувањето на музика токму кај тие деца има неверојатни позитивни резултати во нивниот секојдневен живот, во нивниот понатамошен развој и помага во надминување на некои проблеми.
- Во едно интервју велите дека флејтата ја чувствувате како продолжен дел од вашето тело, веројатно тоа се должи на Вашето постојано тренирањена боговски инструмент, како изгледа еден Ваш ден поминат во тренинг на овој инструмент и кои видови на флејта музицирате?
Ги свирам сите флејти, флејтата, пиколо, алт, бас и октобас. Но, за концертни потреби, најчесто репертоарот е за флејта, пиколо и алт флејта. Секојдневните работни обврски не ми дозволуваат да свирам секој ден еднакво, а за организацијата ми е потребна мошне строга дисциплина. Обврските како директор на конзерваториум и професор по флејта одземаат многу време. Денот на конзерваториум за мене трае од 7 до 9 часа и на тоа додавам уште околу 2 часа работа на флејтата дома.
За да го одржам овој ритам, се трудам редовно да ја одржувам мојата физичка форма па работниот ден често ми започнува со спорт. Кога имам слободен ден за работа на инструментот, започнувам со еден час технички вежби по кои следуваат 3 до 5 часа работа на репертоар и оркестарски делници. Се случува да ми е понуден ангажман со оркестар многу краток период пред првите проби, се трудам познатите делници да ми се секогаш “под прсти”, како за флејтата така и за пиколото. На тоа се вклучуваат проби со сопругот на репертоар од дуото, проби со оркестар итн. Кога немам цел слободен ден да се посветам на музиката, имам скратена програма од која никогаш не изостануваат техничките вежби.
- Имавте можност да учите од најголемите француски и европски флејтисти. На што Ве научија европските професори?
Научив различни начини како од себе да го извлечам максимумот во сите домени од мојата професија. Да останам истрајна, љубопитна и мотивирана затоа што секогаш имам простор да научам нешто ново без разлика на искуството кое веќе го имам, без разлика на постигнатото. Тоа се трудам да го пренесам и на моите студенти.
- Што Ви недостига од дома?
Од дома, од Македонија, моите родители, најблиското семејство и пријателите. Кога стигнав во Франција навистина ми беше тешко, телефонските разговори беа премногу скапи, зборував со моите родители еднаш неделно. За едно напишано писмо да пристигне во или од Македонија беа потребни околу 15 дена. Иако таа ракописна коминикација имаше посебен шарм, носталгијата беше поголема. Би сакала сепак да можам почесто да доаѓам дома, но работните обврски не ми го дозволуваат тоа.
Елена Стојческа е добитничка на први награди на повеќе меѓународни натпревари: „Ауди Моцарт“ во Италија, Европскиот натпревар и натпреварите „Гастон Крунел“ и „Буфет Крампон“ во Франција, како и први награди за флејта и камерна музика на националните натпревари во Македонија и поранешна СФРЈ. Како солист настапува со Симфонискиот оркестар на Болцано, Италија, Симфонискиот оркестар на Бакау, Романија, Оркестарот „Пол Куенц“, Оркестарот на Оверњ, со ансамблот „Бонсаи“, Францускиот оркестар на флејти, како и со Македонската филхармонија.
Таа настапува и како член на повеќе оркестри, меѓу кои во Оркестарот Паделу, Дивертименто, Меѓународен филхармониски оркестар, Оркестарот на Алијансата, под диригентство на Волфганг Дорнер, Херве Нике, Џон Нелсон, Микола Дијадура, Марчело Пани, Себастијан Роулан, Пежман Мемарзадех и др. Од 2005 до 2011 година, Стојческа е соло флејта на ансамблот „Бонсаи“, а од 2011 година го формира дуото „СолиПс“ со францускиот гитарист, а денес и нејзин животен сопатник, Роман Петио. Како камерен музичар настапува во повеќето европски земји и е редовно поканета на фестивали во Франција, Англија, Холандија, Италија, Босна, Чешка и Белгија, а соработува со Маја Богдановиќ, Лор Фавре Кан, Елеонор Дармон, и др.
- Кои се Вашите идни планови, што може да очекува Вашата публика?
Имам серија концерти како член на оркестарот на Алијансата, потоа реализација на проектот за педагошка и културна размена со ученици флејтисти од Скопје, организирано во соработка со ЗАМП Полихимнија со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, проекти со Дуото СолиПс.
До крајот на оваа година продолжувам со работата како директор на конзерваториум, па од јануари би требало да се вратам целосно на педагогијата.
Неодамна Министерството за надворешни работи, Елена Стојческа ја прогласи за примателка на М–карта, поради нејзиниот успех како врвен промотор на нашата земја во странство.
- На сите читатели на ова Ваше интервју што ќе им порачате?
Една сугестија за разубавување на денот, послушајте ја на пример Увертира [1] Фантазија „Ромео и Јулија“ од Петар Илич Чајковски или Прелудиум за попладнето на еден фаун од Клод Дебиси.