Вујовиќ: Фактот што десет различни играчи постигнаа голови, ја покажува нашата сила во нападот

0
160

Вардар синоќа по долго време одигра маестрален натпревар, го победи Мешков Брест со осум голови разлика, задоволството кај навивачите и сите во црвено-црвениот табор е големо.

Се очекуваше израмнет натпревар, но Вардар одигра изненадувачки добар меч каков што одамна не сме виделе од него. Ова е најава дека силата на двократниот европски шампион е голема и реална.
„Се плашев од овој натпревар, бидејќи знам каква екипа е Мешков, исклучително ја почитувам. Ние го отворено мечот со силна мотивација, ни помогнаа одбраните на Томовски, атмосферата на трибините и тоа некако не носеше“, вели тренерот Веселин Вујовиќ.
„Нашите шутери беа расположени, нивните голмани имаа лош ден. Кога тие почнаа со таа 5-1 одбрана во вториот дел, ми беше малку проблем да играм со браќата Њокас бидејќи уште не се воиграни како што треба, па ете измислив решение некако со Дибиров на среден бек. Потоа влеговме во една помирна фаза и мислам дека заслужено победивме“.
„Тоа што постигнаа десет различни играчи голови ја покажува нашата сила во нападот. Покажува дека имавме баш шутерски ден, 35 гола, реално, не се одлика на нашиот стил на игра. Не може поинаку да се објасни“.
Тренерот тна Мешков Брест, Даниел Гордо го призна поразот и рече дека Вардар одиграл многу добар меч.
„Честитки за Вардар, бидејќи одигра одличен меч. Мислам дека ова е досега нивниот најдобар натпревар, бидејќи досега ги гледавме сите нивни. Се надевавме дека Вардар ќе ни биде ривал во СЕХА, но тоа беше друга историја. Вардар едноставно имаше добар ден, играа пред одлична атмосфера и ова е добра вест за Вардар и за ракометот. Секако дека ние не сме задоволни, почнавме лошо, не пополнувавме во одбраната, имавме загубени топки во нападот… Во второто полувреме се обидовме да се вратиме, се надевав дека ќе имаме шанса, но направивме лесни грешки и тоа е тоа. Имавме три меча во десет дена и можеби немавме многу ракометари кои можеа да сменат. Излегуваме со кренати глави, нашиот противник заслужи да го добие натпреварот“, изјави Гордо.
Еден од најзаслужните за оваа победа е голманот, Мартин Томовски кој мечот го заврши со 11 одбрани.
„Мислам дека одлично отворивме и создадовме една разлика која добро ја контролиравме. Секако,имавме и некои падови, но нова екипа сме и уште се пронаоѓаме себеси. Секако во иднина ќе бидеме сè подобри и подобри. Благодарност и до публиката, навистина ни беше ветер во грб вечерва”, изјави Томовски по мечот.