Со „Спортска авантура 2021“ во Берово ќе се одбележи Европската недела на спорт

0
25

– Со настанот „Спортска авантура 2021“ во Берово и годинава продолжува одбележувањето на Европската недела на спорт во Берово. Организатор на настанот и годинава е Здружението на граѓани „Малешевска корија“ кои потенцираа дека една од главните цели на настанот е да ги поттикнат луѓето да бидат активни, не само во текот на Европската недела на спортот, туку преку целата година.

-Целта на настанот кој е се одржи наредната сабота на 25 септември 2021 година, меѓу другото е поттикнување на физичка и ментална кондиција и борба против прекумерната тежина, преку учество во редовна физичка активност. Исто така со организацијата на настанот имаме за цел поттикнување на социјална вклученост и интеграција преку спортот, особено за маргинализираните групи, елиминирање на разликите по национални и верски врашања и создавање на родова еднаквост, се со помош на промовирање и се поголемо практикување на спортот, истакнаа организаторите.

Сите активности како што додадоа ќе се организираат на отворено со почитување на сите мерки за превенција и заштита.

-Да напоменеме дека учеството на настанот е бесплатно, а бројот на учесници е ограничен поради што апелираме до сите навреме да се пријават за учество. Во рамки на спортскиот дел од настанот предвидени се планинарски и велосипедски тури, кајак на Беровско езеро, кошарка, одбојка, тенис, скокање јаже, пинг -понг и други рекреативни активности со многу дружење помеѓу самите учесници, додадоа од „Малешевска Корија“.

Настанот ќе се реализира во тесна соработка со националните координатори на Европската недела на спортот – #BeACTIVE, националната Агенција за млади и спорт, граѓанската организација Планински Спортски Клуб Малешевска Корија, партнерот од локалниот приватен сектор Хотел Манастир, Берово и Локалната самоуправа при Општина Берово.