Радио МОФ го освои првото место на ЕУ наградите за истражувачко новинарство за 2020 година

0
40

– Како продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција, денеска беа доделени три награди за најдобри истражувачки стории во Северна Македонија. Првото место го освои истражувачката сторија на екипата од Радио МОФ насловена „По трагите на балканскиот рис“ – истражувачка сторија во две продолженија.

Во изработка на оваа сторија учествуваа Јасмина Јакимова, Даниел Евросимоски, Емилија Петреска и Бојан Шашевски. Првиот дел од истражувањето е насловен „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави“, а вториот дел од сторијата е насловен „Недопирливите“ убијци на балканскиот рис.

Второто место го освои Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за серијалот истражувања насловени „Пандемско профитерство – другата страна на приказната за Ковид-19“.

Сторијата „Работат 44, а плата земаат 1410 лица“ – истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем, изработена од Кристина Озимец и Влатко Стојановски го освои третото место. Оваа сторија беше објавена на Пина.мк и Самопрашај.мк.

– Истражувачкото новинарство е од голема важност, бидејќи придонесува во заштита на јавниот интерес и бара отчетност од оние кои се на власт. Новинарството какопрофесија има одговорна задача да ја информира јавноста на објективен начин и истовремено да го одразува мноштвото на гледишта коишто се јавуваат во јавноста и секако да бара отчетност, изјави заменик шефот на делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Џулијан Васало.

Васало додаде дека храбри новинари се оние кои истражуваат на храбар начин и поткреваат прашања за коишто останатите не се осмелуваат да прашаат и на тој начин ги прават општествата подобри.

– Во одлучувањето се водевме по зададени критериуми што ја оценуваа релевантноста на сториите, квалитетот, оригиналноста и професионалниот новинарски интегритет, рече претседателката на жири-комисијата на ЕУ наградите за истражувачко новинарство за 2020 година и уредничка во Сакам Да Кажам, Марина Костова.

Костова ги опиша приказните на финалистите како значајни и оти ги надминуваат рамките на новинарството, бидејќи остануваат како вреден документ и ресурс за натамошни истражувања во сите сфери. Таа додаде дека сите приказни се независни новинарски напори и не се дел од редакција.

Наградите се дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.

Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство е воспоставена од Европската комисија во 2015 година, со цел да ги истакне и промовира достигнувањата на истражувачките новинари, но и да го подобри квалитетот на новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.