Во Куманово по четврти пат ќе се одржи меѓународниот саем „Органска трпеза“

0
317

Куманово,

Комората на органски производители и здружението „Живот“ по четврти пат ќе го организираат меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ во Куманово, соопштија денеска надлежните. Претставниците на комората и на здружението ги повикаа производителите да се пријават на саемот кој годинава ќе се одржи на отворено пред комплексот базени во Куманово, согласно протоколите за заштита на здравјето. Годинава се пријавиле учесници од државата, Србија, Бугарија, Ерменија, Хрватска, Словенија, Русија, Словачка, Црна Гора, Косово и други.

– Саемот има за цел да им помогне на производителите да ги презентираат производите, да ги прошират контактите во регионот од централна и југоисточна Европа, да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат и да почнат да се вмрежуваат, изјави претседателот на комората, Драган Цветковиќ.

Покрај операторите со храна, ќе учествуваат и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство.

– „Органска Трпеза“ има за цел да стане централно место за презентација, промоција, дегустација и продажба на одбрани производи, размена на знаења, искуства и деловни можности во овој дел на Европа за областите на органски и традиционални производи. На саемот ќе има и културно-уметничка програма, предвидено е присуство на претставници од локална, централна власт, претставници на традиционални произвдители, занаетчии. Претставници на финансиски институции ќе информираат присутните за моделите на финансирање на агробизнисот, имајќи предвид дека стимулациите постојат и недоволно се користат, изјави Цветковиќ.

Предвидено е да се презентираат агенции, асоцијации, федерации, здруженија, владини и невладини организации, стопански комори, издавачки куќи, портали, нутриционисти и сертификатори кои на свој начин го помагаат и унапредуваат органското производство, печатени и електронски медиуми и ТВ куќи, стопански комори од земјата и од странство, како и дипломатски претставништва и амбасади.

Експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, ќе ја презентираат моменталната состојба на теренот, ќе иницираат дискусија и ќе дадат препораки за понатамошни мерки и чекори за подобрување на животот во руралните средини. Фокусот ќе биде на образованието и ширењето на знаењето поврзано со успешниот агробизнис во државата-појаснува Цветковиќ.

Саемот ќе овозможи средби помеѓу производители, преработувачи и извозници. Здружението „Живот“ ќе биде иницијатор за поврзување и потпишување на меморандуми за соработка помеѓу повеќето чинители од регионот. Саемот ќе биде збогатен со културно-уметничка, сценска програма проткаена со кореографски постановки, музички сегменти, ревија и уметничко-детско катче за најмалите посетители.