Една од најстарите илустрации на Македонка се наоѓа во книгата „Патувања низ Турција“ („ Les Quatre Premiers Livres Des Navigations Et Pérégrinations Orientales“((Travels in Turkey)) напишана од французинот Никола де Николај (Nicolas de Nicolay) (1517-1583) во 1567 година. Оваа книга во моментов достигнува баснословно високи цени на пазарот на ретки книги – понудена е на продажба од антикварот “Pingel Rare Books” во Париз по цена од 25 000 евра!
Животната приказна на писателот Никола де Николај наликува на холивудски филм. По професија бил платеник – војувал и служел на оној крал кој ќе плател најмногу. Во 1542 му служел на Францускиот крал и учествувал во опсадата на пиринејскиот град Перпињан (Perpignan) кој што Французите успеале да го освојат од австрискиот крал Чарлс 5-ти. Потоа е најмен од Англичаните , во 1547 учествувал во нападот на замокот St Andrews,а да потоа ја грабал Кралицата Мери од Шкотска од нејзинот замок во Думбартон . во 1551 година, Николај е повторно најмен од францускиот крал Анри 2ри и му е доделена многу престижна функција – Кралски Географ.
16-тиот век е златно доба во географијата. Во тоа време се откривале нови континенти, цивилизации и земји. Секој крал го праќал својот Кралски Географ кон овие нови територии да учи и известува за обичаите и културата на овие нови цивилизации. Практично, Кралскиот Географ бил Кралски Шпиун кој го известувал својот крал за „ситуацијата на теренот“.
Во 1551година, Анри 2-ри го испраќа Николај на дворот на турскиот султан Сулејман Величествениот како француски емисар. Отоманското царство и култура биле целосно непознати за Франција. Никола де Николај започнува да шета низ Истанбул и да ја изучува отоманската култура. Изработувал скици од луѓе кои ги сретнувал во Царскиот двор или на улица. Водел белешки кои подоцна во 1567 ќе бидат испечатени заедно со скиците во книгата „Патувања низ Турција“.
Книгата ( во 4 тома) дожувува голем успех. Преведена е и реобјавена е во Холандија, Италија и Германија. Книгата оставила големо влијание врз Ориенталистите сѐ до 19-тит век. Дури и познатиот сликар Еужен Делакроа се заинтересирал за Ориентот поради оваа книга. Во томот за Грција, Никола де Николај пишува многу кратко , само на неколку страници за Македонија. Ја опишува Македонија како бастион на Христијанството и ја величал борбата на Георги Кастриот – Скендербег против Турците. Токму во овој дел се појавува цртежот „Македонска Жена“ (Donna di Macedonia) – каде што Македонката е со горд и исправен поглед. Носи христијанска модерна облека и накит. Фустанот е скрос долг до долу , симболизирал чесност. Во рацете носи даска со леб, кој симболизирал грижа за семејството.
Овој цртеж на гордата и чесна Македонка оставил голем впечаток на сликарите од тоа време. Мотивот на Македонката го прецртуваат и обработуваат повеќе сликари: De Bruyn, Luca Penni, Bertelli, Boissard и Vecellio. Во последователните прецртувања на Македонката се менувале деталите (исчезнала даската со лебот, капата на главата се заменила со турски турбан) и се менувал насловот ( во некои книги насловот е “virgo macedonica“ или “foemina macedonica“). Но симболиката на овој цртеж останала иста – Христијанската вера е сѐуште жива во Ориентот.