Интервју со Горан Бојчевски-Агенција за иселеништво

0
559

Непосреден, едноставен, весел и динамичен, пред се љубезен и подготвен за соработка со верната публика. Маестрално прецизен во своите одговор.  Светски, а наш. Особена е честа и задоволството да се разговара со еден од најпознатите светски кларинетисти Горан Бојчевски

  1. Роден сте во Битола, своето основно и средно музичко образование  го завршувате  во Битола во класата на професорот Панде Татарчевски, како ја избравте оваа професија?

Во моето семејство, главен фактор што започнав да чекорам по патот на уметноста, во мојот случај, конкретно со музиката е мојот дедо. Се сеќавам, имам убави спомени, како секогаш ги веселеше луѓето со звуците на својата хармоника и пеењето, без никакви амбиции во тој правец, баш од љубов кон музиката. Токму таа љубов ја почувствував и јас, па многу ме интересираше  да започнам и да го разоткријам светот на музиката. Чувствував голема одговорност и посветеност кон неа,  уште пред да започнам да свирам, само нејзино присуство во секојдневниот живот, едноставно  ме правеше  многу среќен  како дете. Воедно, местото каде како дете пораснав е многу блиску до ромската населба во Битола и така сакал или не, (а сакав многу)   често слушав  ромски свадби и веселби, каде што подоцна покрај класичната музика, таа музика  ми беше  еден нов свет, каде што почна да ми се отвораат нови видици, каква  големина и моќ поседува музиката. Панде Татарчевски  е мојот прв професор, со кој што освоивме многу први награди во текот на моето школување во неговата класа.

  1. Своето високо образование го продолжувате во Словенија, велат студентските денови носат прекрасни спомени, како е да се студира  во Словенија,  на што Ве научи престојот таму?

Да, патот одлучив да го продолжам во Словенија, да заминам од Македонија и да започнам  да се  стекнувам со нови искуства и знаења на различни  универзитети низ Светот. Се сеќавам на покојниот маестро, професор Саша Ѓумар, како студент на прва година на моите студии во Скопје, ја свиревме  со академскиот оркестар  „Петрушка” од Игор Стравински, каде што кларинетскиот дел е доста технички и музички  би рекол  напорен, диригентот маестро Саша, дојде до  мене на првата проба и ми рече  да отидам  по пробата  на еден краток  разговор со него, а првите зборови му беа  дека треба да заминам некаде низ светот  и да му го дадам на светот  тоа што го имам, а светот да ми го даде  тоа што ќе ме направи зрел и врвен уметник. Па така, се одлучив  за Словенија.

Во Скопје другарувањата беа прекрасни, убави времиња, но потоа кога го положив приемниот испит во Љубљана, се преселив и некако како тука да почнав да созревам. Се најдов сам, а борбата во западниот свет не е нималку лесна. Има разлика, но и сличност. Наеднаш почувствував што значи ред, дисциплина, но воедно ги немаше повеќе оние наши дружења со кои сме навикнати кај нас. Престојот ме научи, дека дома  е најбезбедно и најубаво, но премалку  за тоа да созреам во тоа што го работам. Подоцна секако се вклопив  во средината во Словенија и освоив голем број на златни награди на нивниот државен натпревар во највисока категорија, иако тогаш се уште не бев словенечки  државјанин.

Во Словенија е убаво да се студира, а пред се е многу безбедно. Словенија е премногу убава држава и земја со социјална безбедност. Словенија е на граница меѓу Балканот и Европа, па така воедно претставува некој микс, што е добро, зависи секако на каков начин ги перцепираме работите.

  1. Кога ќе Ви спомнат уметност, на што Ве асоцира овој збор?

Уметноста е најискрена и безусловна љубов, што е дадена од Бога како таква, се останато е лага. Самиот, понекогаш во брзиот свет во кој живееме се прашувам  длабоко во себе погледнувам, од каде доаѓа идејата која почнува да ја обработувам. Ако е искрена е права, ако ја бранам за да задоволам

некого, веќе не е тоа тоа.

  1. Автор сте  на музиката за меѓународниот проект „Хе, хе, хелиум“ за кого кореографијата ја изгради  нашиот кореограф Игор Киров, можете ли да ни кажете повеќе за овој проект? Кога се случи, која беше целта на неговата реализација?

Хе, хе, хелиум е мојот прв балет што сум го направил, на покана од нашиот врвен кореограф Игор Киров. Се  работеше за меѓународна  продукција, ако добро се сеќавам: холандска, босанска, словенечка и секако македонска. Балетот доживеа голем успех не само во Словенија, туку и во другите земји помеѓу: Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, па се до Јужна Кореја. Поради големиот  успех, после неколку години, стапивме во контакт  со господинот Киров, каде што компонирав музика за неговиот нов балет, „Дервиш и смрт”, кој доживеа голем успех и беа прав хит, пред се во Хрватска, со кој што ја наполнивме и главната сала во Загреб- Лисински.

  1. Не е прв пат да соработувате со домашни автори, можете ли  да ни кажете  за соработката со нашиот светски кореограв Игор Киров?

Игор Киров  е врвен уметник, светска класа, човек  кој што е во тренд со уметноста и голем перфекционист пред се е прекрасна личност.

Јас живеев 10 години насекаде низ Европа. Сакам да и го дадам својот придонес на нашата култура и верувам дека наскоро ќе добијам покана како класичен музичар за да и се претставам на македонската публика, бидејќи најдоброто нешто и за мене е кога настапуваш дома, таму каде што ти се корените. Тогаш се чувствува и најголемата одговорност.

  1. Кои се вашите следни активности?

По  ограничување поради Ковид 19, ова лето се посветивме на концертирање   во Словенија и странство, па така повторно сме во погон. Најблиска  следна активност е настапот на легендарниот  словенечки фестивал  со многу  долга традиција. На 11-ти септември ќе  настапам со моја  композиција. Од 113 песни, одобрени се 12 за фестивалот  и помеѓу  нив се најде и мојата.  Многу сум пријатно изненаден, истиот месец имам и еден прекрасен концерт со мојот долгогодишен пријател и колега Матија Дедиќ, син на големиот Арсен  Дедиќ.

  1. Ако ја прочитаме Вашата биографија, ќе видиме дека зад Вас стојат голем број на награди кои се резултат на Вашето работење, која награда Ви е посебно драга, за која сте посветиле голем труд и ангажман за  да стигнете до неа?

Секоја награда ми е посебно драга, зад секоја награда стои трнлив изоден пат, пат по кој сме собрале многу искуства. Една помеѓу нив е наградата за врвни уметнички достигнувања од градот Цеље, посебно ми е драго, бидејќи  оваа награда  има своја тежина и традиција и како за странец тука, вакво признание е многу големо, а со тоа ми е искажана голема чест. Ја издвоив оваа награда со причина, што  во мојата земја е тешко да добијам покана за еден обичен концерт, иако по цел свет  веќе 20 години ја претставувам нашата земја преку музиката.  Пред три години  настапив  првпат на Охридско лето, каде што  доживева огромен успех и долги овации, се претставив со авторска музика. Направив меѓународна соработка и поканив колеги од Македонија и  Словенија. Беше незаборавно и убаво за мене. По толку години прв настап во мојата родна земја во најубавата „св.Софија”. 

 

  1. Во едно интервју велите дека  носталгијата е добар услов за создавање на добри музички дела. Едно од нив беше изведено во главната сала на Мозартеум. Делото го нарековте  „Nostalgie”.  Од каде инспирацијата да го изработите ова дело и која беше пораката по реализацијата на овој проект?

Ова творештво за мене претставува многу голема чест, односно една од најголемите досега. Поканет бев од Универзитетот Мозартеум, да напишам оркестарско  дело за нивниот оркестар и покрај огромната конкуренција, бев избран токму јас.  Морам да признаам огромна беше одговорноста. Се најдов во друштво на најдобрите авторски  легендарни композитори, помеѓу кои и Ernst Ludwig Leitner. Го именував носталгија, бидејќи претставува копнеж за Македонија, за најубавото и најсветлото сонце, што грее само кај нас.

  1. Член сте во музичката група „BALKAN SUPERSELECTION“  (бенд во кој се и големите мајстори како Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов, Васил Хаџиманов, Марко Рамљак…), зошто се одлучивте на овој чекор, сооглед дека сите негувате различни  музички стилови во музиката, како е да се соработува со вакви големи имиња?

Соработувам и сум соработувал со овие легендарни имиња. Секоја средба со нив за мене како човек и уметник  е голем напредок, сакам да соработувам со врвни уметници  од различни земји, бидејќи со тоа ги бришеме границите кои што се нацртани  во нашите глави.  Според мене, границите не постојат, светот е една целина која мораме да ја накитиме со љубов, разбирање и секако со музика.

 

  1. Од каде ја црпите инспирацијата за музицирање?

Инспирацијата е како флеш, брза како мисла, тешко можам да одредам од каде, зависи од тоа како се чувствувам  во одреден момент.

  1. Кои се Вашите идни планови?

Нека биде  тоа за  сега  тајна, ги има многу, но можам да кажам која е мојата цел, а тоа е мојата музика да допре до што повеќе срца низ светот, мислам дека сум на правиот пат.

  1. Која порака ќе ја испратите до нашите читатели?

Секаде е убаво, но дома е најубаво. Чувајте го јазикот и заедно градете  ја културата, без никакви поделби.