Изложба посветена на македонски атлетски рекордер Мемо Сулејманов во Велес

0
22

 – Во рамки на програмата на локалната установа Народен музеј – Велес во Ликовниот салон, денеска е отворена изложба посветена на Мемо Сулејманов, македонски атлетски рекордер и основоположник на маратонското трчање во нашата држава.

Изложбата се состои од фотографии, награди, медали и музејски предмети од фондот на Националната Установа Музеј на Македонија, чиј автор е Драган Ѓеорѓиев, историчар-кустос советник. Велешанецот Мемо Сулејманов е докажан атлетичар кој оставил траен белег во оваа спортска дисциплина, освојувајќи рекорди на бројни домашни и меѓународни натпревари.

Како што потсети Марин Клифов, директор на велешкиот Народен музеј, поради неговите спортски резултати и несебичните залагања на спортот, Мемо Сулејманов е одликуван и наградуван од Атлетскиот сојуз на Македонија и од Атлетскиот сојуз на Југославија, кои будно ги следеле неговите достигнувања.

 Од животната сцена го оттргна кобната болест во 1984 година и замина во легенди. Ќе се паметат неговите настапи на атлетските патеки, воглавно со достигнувања и со подобрувања на македонските рекорди во разни дисциплини, потсети Клифов.

Изложбата посветена на Мемо Сулејманов е организирана во пресрет на јубилејот, 30 години независност, а велешани ќе имаат можност да ја посетат до 25 септември.