Објавен конкурсот за карикатура на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“

0
11

 Советот на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ и Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница го објавија меѓународниот конкурс за карикатура, со што почнаа подготовките за овогодишното фестивалско издание.

Темата на која треба да творат карикатуристите е „После сè… животот е убав“, а според пропозициите секој учесник може да испрати најмногу по три свои дела. Големината на карикатурите да е во формат А3 или А4, со резолуција од 300 dpi, при што можат да се достават во оригинал или копија испратена по електронска пошта на адреса invinicaveritasfestival@gmail.com.

Стручна жири комисија ќе ги прегледува пристигнатите карикатури и од нив ќе ги избере најдобрите три што ќе бидат парично наградени. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени за време на одржувањето на фестивалот „Ин Виница веритас“, што годинава се најавува во периодот од 25 до 29 октомври.

Според пропозициите во конкурсот, рокот за испраќање на карикатурите е до 10 октомври, а по соопштувањето на резултатите, наградените дела задолжително треба да се испратат во оригинал, на адреса на Домот на културата „Тошо Арсов“.