„Нови можности, нови авантури“: Отворен спортско-рекреативниот комплекс крај Прилепското езеро Опсервер: „Нови можности, нови авантури“: Отворен спортско-рекреативниот комплекс крај Прилепското езеро | opserver.mk

0
25

 – Со можности за мултимедијална намена, денеска кај вештачкото прилепско езеро е отворен спортско-рекреативен центар. Мултинаменскиот простор е опремен со три летниковци, 20 клупи и платформа за одржување културни. Изградени се и кошаркарско и одбојкарско игралиште, трим патеки, а поставени се и пинг-понг маси за љубителите на спортските активности. До Езерото е изградена пристапна улица од 35 метри и води до паркинг со капацитет од дваесетина возила. Алтернативно, до спортско-рекреативниот центар може да се стигне и пеш преку двете патеки во должина од 750 метри.

Комплексот е дел од потпроектот „Прилепското езеро – нови авантури, нови можности“. Отворајќи го комплексот, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласи дека за комплексот се обезбедени 50 милиона денари, од кои шест од општинската каса, а другите пари се обезбедени преку Владата и Европската Унија.

– Со изградбата на овој комплекс ќе се врати сјајот на Прилепското езеро. Ќе се вратат излетите, дружењата, граѓаните ќе имаат можност за рекреација и ќе уживаат во природата. Најважен дел од проектот е мултимедијалниот простор, на кој има летниковци, клупи и платформа каде ќе се одржуваат различни културни манифестации. На тој начин, граѓаните на Прилеп и туристите ќе бидат задоволни од она што овој комплекс ќе го понуди во иднина, изјави Јованоски.

Комплексот е целосно осветлен и целта е да ја зголеми пристапноста до нови содржини за активен туризам за домашните и за странските туристи, да го прошири спектарот на забавни активности за жителите на Прилеп и да го врати некогашниот сјај на еден од најубавите краеви од Пелагонија, лоциран покрај Прилепското езеро. За тоа ќе помогне и реконструираната велосипедската патека во должина од 7,3 километри која се протега од „Маркова чешма“ до селото Присад.

Потпроектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“ се спроведува како дел од Проектот за регионална и локална конкурентност (ПЛРК). Финансиран е од Европската Унија и од Владата преку проектот за локална и регионална конкурентност, за да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрувањето на инфраструктурата, унапредувањето на капацитетите за сместување и угостителство, збогатувањето на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.