Концерти на Синтезис и Влатко Стефановски по повод 30 годишнината од македонската независност

0
190

По повод прославата на 30 годишнината од македонската независност вечерва на археолошкиот локалитет Стоби ќе настапи групата Синтезис, а на 6 септември во Филхармонијата на РСМ ќе се одржи концерт на Влатко Стефановски со симфониски оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин.

-Вечерва концерт ќе одржи Синтезис изведувајќи дела од својот богат музички опус со кој како амбасадори на културата не преставуваат во светот повеќе од 25 години. Во понеделник пак, 6 септември, во Филхармонијата на РСМ ќе се одржи ексклузивен концерт на Влатко Стефановски со симфониски оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин. Добро познатите композиции на Стефановски, во аранжмани на Емин се гаранција за неповторливо и уникатно искуство. Концертот првично беше најавен да се одржи на тврдината Кале, но, поради променливото време и можните врнежи, концертот сепак ќе се одржи во затворен простор, се вели во соопштението од Баги комуникации.

Инаку, во рамките на прославата на 30 годишнината од македонската независност, Баги Комуникации веќе реализираше два извонредни концерти на оперската дива Весна Гиновска Илкова заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет, во Света Софија во Охрид, како и концертот на Тони Китановски во Куршумли Ан.

Проектот „Музиката зборува на сите јазици – 30 години мултикултура“ е поддржан од Владата на РСМ преку јавниот повик за финансиска поддршка за организација на настани.

Сите одржани концерти ќе бидат емитувани на програмата на Македонската Телевизија, а ќе бидат пренесувани и на интернет, со цел што повеќе граѓани да можат да ги проследат. сст/са/