Триото „Кладенец“ на 6 септември ќе го одржи првиот солистички концерт на сцената во дворот на Лешочкиот манастир. Настапот е дел од проектот „Денови на изворното пеење Кладенец“ поддржан од Министерството за култура.
-Концертот ќе се одвива во два дела. Првиот дел ќе биде презентирано изворното пеење од етничкиот предел „Долни Полог“ насловено како „Гласоечко“ пеење кое е под заштита на УНЕСКО како нематеријално културно наследство, како и изворни песни од Егејскиот, Пиринскиот крај, како и од територијата на Република Северна Македонија. Во вториот дел ќе се изведат новокомпонираните авторски песни на „Триото Кладенец“. На овој солистички концерт, триото Кладенц ќе го придружува вокално инструменталниот состав „Аманет“, а како гости музичката група Ќустек и виртуозот на инструментот зурла Џењо Дестановски, изјави вокалот Сашо Костадиновски.
Почетоците на вокалното трио Кладенец се во рамки на Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце од 2013 до мај 2018 година. Триото го сочинуваат Сашо Костадиновски, Бобан Трпковски и Мирослав Симјановски. Од 2018 година, создадени се новокомпонираните песни „Да си вечна земјо моја“, „Мајко земјо не плачи“, „Свадба најубава“, „Соколе“ и „Пуста да е печалба“. Триото има освено и бројни награди на фестивали во Македонија и Србија.