Директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски оствари работна средба со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на 2 Септември 2021 година, во просториите на Кабинетот на Премиерот.
На претходно договорената средба на барање на Директорот на Агенцијата за иселеништво Близнаковски, Претседателот на Владата Заев беше информиран за надлежностите и Програмата за работа на Агенцијата за иселеништво, посебно за проектите кои се однесуваат на помагање на културниот развој на иселениците како: Летна Школа за најмладите, Спортски камп, Награда „Стојан Христов“ за најдобра стихозбирка, поддршка на иселенички културни друштва, информирање за општествениот живот во Република Северна Македонија и можностите за инвестиции и реинтеграција на иселениците.
Воедно Директорот Близнаковски информира за заеднички активности со други институции, како соработката со Државен Архив за архивирање на документи од иселеништво од национално и историско значење, соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во насока на поддршка и развој на квалитетот на дополнителната настава во странство. како и преклопувањето на многу надлежности и ангажирања со Министерството за надворешни работи по однос на проблематиката за дијаспора. Исто така согласно актуелниот попис на населението, Агенцијата за иселеништво во соработка со Државниот завод за статистика реализираше виртуелни конференции со иселеници од сите континенти поединечно, со цел, засилување на кампањата за поттик на иселениците да се попишат преку достапната дигиталната платформа, за која се даваа стручно-технички насоки за сите кои имаа проблеми при попишувањето а и оние кои го бојкотираа процесот.
Директорот Близнаковски информира дека е обновена интернет страната на Агенцијата за иселеништво со рубрики чии содржини го отсликуваат животот на нашите во странство. Во насока на подобрување на положбата на иселениците, директорот Близнаковски оствари работни средби со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а се очекува средба и со Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Претседателот на Владата Заев ги поздрави сите активности и програми на Агенцијата за иселеништво и даде целосна поддршка и лична заложба особено во делот на интересот за инвестиции од иселеници бизнисмени и реализација на истите.
Со оглед на тоа дека нашата земја се соочува со се поголем број на иселеници, Директорот Близнаковски и Претседателот на Владата Заев, се согласија дека скромниот буџет со кој располага Агенцијата во иднина е потребно да се зголеми, за да може да одговори на потребите и проблемите на иселениците.
Како заклучок од средбата, договорена е виртуелна иселеничка конференција во организација на Агенцијата за иселеништво во догледно време, на која иселениците директно ќе можат да го информират Претседателот на Владата Заев и претставниците на соодветни институции, за прашања кои се од нивен интерес.