Иселениците од САД по потекло од Дебарско, меѓу нив и познатата Бебе Реџа со донации за дебарската болница

0
371

Дебар, 1 септември 2021 (МИА) – Повеќе иселеници од САД, по потекло од дебарскиот регион, меѓу нив и светски познатата Блета (Бебе) Реџа, чиј татко е дебранец, донираа финансиски средства за Општата болница со проширена дејност во Дебар, која здравствена заштита пружа за жителите од оваа и општина Центар Жупа.

-Крвта не е вода а корените од каде потекнувате не се заборават, е стара поговорка, која еве токму нашинците во САД го потврдуваат и сега во овие тешки моменти кои ги минуваме со пандемијата, како и многупати претходно. Заедницата на иселенците од дебарско деновите во отворен фонд донираат средства, кој колку може, кои ќе бидат потрошени за неопходните потреби на нашата установа. Позната Бебе Реџа, која колку што се гордее со дебарско потекло уште повеќе се гордееме ние со неа, донираше 10.000 долари а неколку дебрани и од Центар Жупа имаат донирано по 5.000 долари, изјави за МИА, Баки Алили, директор на болницата.

Додава дека претставник на дебарската заедница, Беким Пачуку, со средства од отворениот фонд, во износ од 5.000 долари директно ја платил сметката во „Техногас“ за набавен кислород, кој деновиве „на големо се троши за ковид пациентите“.

Во меѓувреме не стивнува епидемиолошката состојба во ова подрачје.

-Во нашите две ковид одделенија моментно болнички се третираат 40 пациенти (двајца повеќе од вчера), од нив 34 на кислородна поддршка, додека амбулантски се лекуваат 25 лица, додека во здравствени установи во Скопје имаме седум наши сограѓани, рече Алили.

Непречено, посочува се одвива и процесот на имунизација против Ковид-19. Дневно во просек се аплицираат по 250 вакцини од Синфарм, Фајзер и Астра Зенека.