Крива Паланка, 31 август 2021, ( МИА) – Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски организираше прием за кошаркарските репрезентативки до 16 години кои се вратија со златни медали од ФИБА челенџ турнирот во Т’билиси, Грузија.
На приемот присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски и спортскиот директор на Кошаркарската федерација Тодор Гечевски.
Мицевски им честиташе на кошаркарките и тренерот што постигнуваат извонредни резултати и со тоа ја промовираат општината, но и државата.
-Особено сум горд на вас како кривопаланчанки, покажавте дека кога се игра со срце резултатите се неизбежни. Знам дека сето тоа бара многу одрекувања и жртва, но, ваквите моменти на големи успеси и признанието најдобар играч да припадне токму на наша сограѓанка, Алексовска, не прави посебно горди. Продолжете со успешни настапи, а ние сме тука за да ве поддржуваме и во иднина, истакна Мицевски.
Тој им додели подароци и статуетки за спомен на овој голем успех.
-Честитки за успехот на девојките и тренерот. Би сакал да ѝ честитам и на Ирена Белешковска од кошаркарскиот клуб Крива Паланка со која заедно го препознавме овој проект и го поддржавме. Денес може со гордост да кажеме дека имаме добра женска репрезентација, имаме женска кошарка во државата, рече директорот на АМС, Мојсоски.
Спортскиот директор на Кошаркарската федерација Гечевски се осврна на спортот во Крива Паланка, заблагодарувајќи се за ентузијазмот и трудот што го вложуваат луѓето од кошаркарскиот клуб Крива Паланка.
-Мислам дека огромен успех е што триесет проценти од репрезентацијата до 16 години е од Крива Паланка, за што му честитам и на Ведран. Ако порано таков град беше Кавадарци, сега е тоа Крива Паланка, со бројни репрезентативци и во машките селекции, тргнувајќи од А селекција, но и во помладите генерации. Тоа е доказ дека континуираната квалитетна работа дава резултати. Поради тоа, добро би било и од локалните власти да се подигнат иницијативи за поттикнување на бизнис секторот и да се спонзорира клубот, кошарката, за да се продолжи и надгради овој успешен пат што го трасираат овие луѓе. Ова е одлична генерација, само да опстане и да останат овие квалитетни девојки во кошарката, рече Гечевски.
Кошаркарките ќе добијат и спортски бонуси од Федерацијата.
Тренерот на репрезентацијата, Ведран Белешковски рече дека оваа генерација девојчиња е меѓу најперспективните, покрај М-18 и М-20, но она што ја прави единствена е хемијата и добрата соработка и енергија на целиот тим и стручен штаб, што придонесува да функционираат како семејство.
-Доколку продолжат посветено и максимално да вложуваат во себе и да напредуваат, добар дел од девојките до 16 години имаат перспектива да бидат дел од сениорската репрезентација на С.Македонија, рече Белешковски.
Градоначалникот Мицевски изрази подготвеност за соработка со КФСМ и АМС за изградба на современ кошаркарски тренинг центар за подготовка на репрезентациите во Крива Паланка.