ЦЕЛОСНО ОБНОВЕНА УЛИЦАТА „ПАРИСКА“ ВО ТАФТАЛИЏЕ

0
293

Денеска завршува реконструкцијата на улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе 1. Асфалтирана е површина од 5.700 м2 или 407 метри должина,  со што се подобрија условите за движење по оваа сообраќајница.

Градежните активности се одвиваа подолг временски период, од причина што се работеше и на изведба на поливателни бунари за одвод на атмосферски води. Со истите, ќе се овозможи непречено движење по улицата и во случај на поголеми врнежи од дожд.

Денеска, во теренски увид на активностите беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и министерот за  транспорт и врски, Благој Бочварски.

  • Улицата „Париска“ го поврзува булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Прашка“, токму во оној дел, којшто во минатото „настрада“ од агресивна и непланска урбанизација. Сепак, во изминативе четири години навистина вложивме во подобрување на инфраструктурата во овој дел на општината. Работевме и на поставување на нова канализациона мрежа на улицата „Варшавска“, а пробивме и сервисна улица меѓу „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Општина Карпош во меѓувреме продолжува со обнова и на улиците „Иван Аговски“ и „Гиго Михајловски“ во Карпош 1, како и на „Шекспирова“ во Карпош 2, рече Богоев.

Во периодот што следи долж „Париска“ ќе биде поставена и нова сообраќајна сигнализација, со цел да се овозможи полесна регулација на сообраќајот.

Министерот Бочварски истакна дека ресорната институција и Владата прилично вложуваат во подобрувања на патната инфраструктура во главниот град. Имено, вкупната вредности на инвестициите само во Скопје за рехабилитација на патната инфраструктура изнесува 70 милиони денари.

Oдделение за односи со јавноста

ОПШТИНА КАРПОШ