Селекторот Драган Канатларовски ќе ги собере репрезентативците на Македонија до 21 година, за прв пат во својот мандат и ќе ги поведе на квалификациските дуели за пласман на Европското првенство. Македонија ќе ги започне квалификациите со гостување кај Франција на втори септември, а потоа пет дена подоцна ќе ја дочека Србија.
Во јунскиот циклус, во кој Македонија играше пријателски средби, на повик на селекторот прв пат се појави Метју Божиновски од Мелбурн Виктори заигра за националниот тим до 21 година, а сега покрај него на тимот ќе се приклучи и Стефан Чолаковски од Мелбурн Сити.
Двајцата „Австралијци“ ќе одговорат на повик на селекторот Канатларовски, а нивните настапи, особено на Чолаковски кој со својот тим дојде и до првенствен трофеј во Австралија ќе бидат будно следени. Засилувањата на У21 тимот веќе полетаа кон Скопје, за да се приклучат на првиот репрезентативен собир.