Од крајот на минатата недела улицата „Борис Кидрич“, една од најважните сообраќајници во Кичево, претворена е во големо градилиште. Етапно се отстранува асфалтот, рабниците и бекатон плочките кои ги имаше на повеќе делови од тротоарите.
Оваа сообраќајница во текот на есента ќе добие сосема нов лик. Изградбата се реализира со средства што ги обезбеди Европска банка за обнова и развој-ЕБОР во износ од 20 милиони денари, потврди Бурим Кадриу, одговорен за финансирање и буџет на Општина Кичево.
-Градежните активности на улицата „Борис Кидрич“ во голем обем се случуваат од крајот на минатата недела. На оваа улица со должина од околу еден километар ќе се работи етапно за да не дојде до прекин на сообраќајот по целата нејзина должина, рече Емин Насуфи од Општина Кичево.
Во изминативе три дена целосно беше отстранет асфалтот од улицата, на потегот од Магистаралниот пат до крстосницата со улицата „11 Септември“. Во овој дел, посочи Насуфи, покрај што беше отстранет асфалтот од подлогата, извадени се рабниците и отстранети бекатон плочките.
-Бидејќи оваа сообраќајница ќе има поголема широчина и целосно нови тротоари и ново јавно осветление, по завршувањето на првата етапа, ќе продолжи натамошната реконструкција на улицата, рече Насуфи.
Покрај улицата „Борис Кидрич“, во градежна фаза е и дел од улицата „Ужичка Република“ во должина од околу 500 метри, на која поради градежните зафати не може да се одвива сообраќајот. Поради тоа, во дел од овие улици сообраќајот се пренасочува кон други сообраќајници се до завршување на активностите планирани до средината на есента.