Во Делчево во тек пријавувањето по јавните повици од програмата „Општинско-корисна работа“

0
178

Во Делчево во тек е пријавувањето за користење на услуги како дел од програмата „Општинско- корисна работа“ која годинава е поделена во две категории.

Пријавувањето за категоријата „Грижа за стари лица“, како што информираа од Општината е до 30.08.2021 година.

– Преку оваа услуга е предвидено посета на стари лица, заедничко дружење, набавка на лекарства и други намирници, мерење на крвен притисок и шеќер во крвта, како и пружање на елементарна грижа. Сите оние кои сакаат да учествуваат во реализацијата на овој проект потребно е да се пријават во просториите на Општина Делчево најдоцна до 30.08.2021 (понеделник), информираа од Општина Делчево.

За таа цел, како што додадоа, потребно е да биде пополнета пријава која може да ја пополни и трето  лице во име на крајниот корисник на услугите од проектот „Грижа за стари лица“.

– Критериуми според кои ќе бидат определени 24 крајни корисници се корисникот да не е пензионер или да прима минимална пензија, корисникот да живее сам и корисникот да не е во можност да ги извршува услугите кои се нудат со проектот, додадоа од Општина Делчево.

Воедно, од Општина Делчево упатија повик и до сите заинтересирани лица кои сакаат да ги користат услугите од програмата „Општинско- корисна работа“, за активноста „Мобилен тим за посета за стари и изнемоштени лица и лица со попреченост”.

– Активноста меѓу другото опфаќа набавка на топол оброк, набавка на основни продукти за хигиена и исхрана, препишување и набавка на лекови, плаќање сметки, придружба на лекар или некоја друга институција по потреба, заедничка прошетка и дружење. Како и за претходната активност, рокот за пријавување е најдоцна до 30.08.2021 (понеделник), со тоа што пријавата може да ја пополни и трето  лице во име на крајниот корисник на услугите од проектот „Социјални услуги за сите“, додадоа од Општината.

Според планираното, со оваа активност од програмата ќе бидат определени 32 крајни корисници кои ги исполнуваат критериумите за учество во активноста. За повеќе информации од Општината заинтересираните ги упатија да ја посетат општинската веб-страница.