Општина Карпош соопшти дека врши дезинфекција и дезинсекција на сите десет основни училишта и градинки на своја територија. Во пресрет на почетокот на новата учебна година, службите ги дезинфицираат сите училници, занимални, холови, тоалети, канцеларии, кујни и други заеднички простории во воспитно- образовните установи.
-Станува збор за редовна активност, која локалната самоуправа ја прави неколку пати во текот на годината, со цел да се зголеми хигиената во сите училишта и градинки, информира Општината за подготовките за почетокот на учебната година која ќе се организира со физичко присуство и согласно со антиковид-протоколите и препораките од Владата и Главниот кризен штаб.
Општината соопшти и дека набавила училишен прибор за сите ученици запишани во прво одделение.
-Во тек е и постапката за опремување на училишните библиотеки со ИТ-уреди – таблети, кои ќе бидат поддршка за учениците во текот на наставата, наведува Општина Карпош.