„Хомо“ во официјалната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

0
234

Играниот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи е избран во официјалната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, еден од најголемите филмски фестивали во францускиот регион Гранд Ест.

Како што јави дописникот на МИА, „Хомо“ е селектиран во најпрестижната и најпосетената официјална селекција на фестивалот – „Под ѕвездите“ и ќе биде прикажан под отворено небо и во една од најдобрите киносали во Франција – „Камео“.

„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов.

Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум филм, Словенија).

Во актерската екипа се: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски – кој дебитираше на долгометражен филм, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.