Старата јаловишна депонија, која се наоѓа на самиот влез на градот Пробиштип конечно ќе се реши како жешка еколошка точка. Градонаначлникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов информира дека со одлуката која Советот на Општината ја донесе едногласно, се отвара можноста за нејзина санација, но и инвестиции.
-Предвидено е оваа неактивна јаловишна депонија да се посипе и на тој простор има можност да се постават фотоволтаици. Советот на Општина Пробиштип, едногласно ја донесе една од најважните одлуки во поновата историја на општината. На 52-ра редовна седница, советниците ја донесоа одлуката за утврдување на нацрт верзијата на Деталниот урбанистички план за блоковите 3 и 6.1, односно за 410.000 метри квадратни земјиште на старата неактивна јаловишна депонија, вели Анастасов.
Ова старо хидројаловиште, во кое пред неколку децении се депонирал отпадот, односно јаловината од рудата во рудникот „Злетово“, се протега на влезот и излезот кон Штип и Кочани, обраснато е со трска, а при ветер јаловината се разнесува на сите страни и од страна на државата е прогласено за една од жешките еколошки точки, кои мора да се решат во интерес на здравјето на граѓаните, но и на животинскиот и растителен свет.
– Јаловишната депонија од најжешка еколошка точка во Општината, во наредниот период ќе прерасне во простор на кој ќе се произведува зелена енергија, а со тоа трајно ќе го решиме деценискиот проблем на граѓаните од општина Пробиштип.