Инклузивно игралиште „Парк на срцата“ кај велешкото езеро „Младост“

0
22

Подобрување на пристапноста и развој на инклузивноста преку воведување нови рекреативни содржини и услуги и нивно интегрирање со постојните содржини во туристичката атракција езеро Младост да се овозможи еднаков пристап за сите домашни и странски посетители, е целта на новиот проект „Инклузивен Смарт Туризам“.

Во рамки на проектот е изградено инклузивно игралиште со две тактилни патеки и реквизити, што ќе биде промовирано денеска од страна на Центарот за развој на Вардарски плански регион и Општина Велес.

-Главната активност на проектот е инклузивното игралиште „Парк на срцата“, со две тактилни патеки и реквизити, соодветни на потребите на сите посетители, вклучително посетителите со ограничена мобилност и попречености. Исто така дополнителна активност се и реквизити за обезбедување на пристап до плажа и пристап до вода за посетителите со ограничена мобилност. Со ова не само што се овозможува рекреација на децата и лицата со попречености и нивна максимална инклузија со можност за дружење и игри без разлики, туку се придонесува за здравјето и благосостојба на сите домашни и странски просетители. Ова долгорочно ќе придонесе за препознавање на нашата држава како земја на инклузивен туризам и можност за одмор и рекреација за сите, информираат носителите на проектот.

Додаваат дека со овој проект, лицата со посебни потреби добиваат можност да бидат целосно вклучени во содржините на езерото, но и самиот парк, во кој, покрај лица со посебни потреби, ќе има можност да доаѓаат и други деца, со цел нивно заедничко дружење, запознавање односно постигнување на главната цел за меѓусебна интеграција.

Во инклузивното игралиште „Парк на Срцата“ особено значење се дава на подигнување на свест на граѓаните како и на испраќање на пораката дека и лицата со попречености треба да добијат можност да бидат еднакви и да го добијат правото да функционираат во општеството како и останатите граѓани.

Проектот е финансиски поддржан од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој што е имплементиран од страна на Швајцарска Агенција за развој и соработка во државава и Министерство за локална самоуправа.