Една од најважните сообраќајни артерии во Кичево, улицата „Борис Кидрич“, пред два месеци започна да се реконструира. Беа изградени три кружни текови и наредната недела се очекува да започнат пообемни градежни активности на нејзино довршување, најави градоначалникот Фатмир Дехари.
– Од следната недела планираме да ги интензивираме градежните активности на улица „Борис Кидрич“. Дел од планираните зафати се завршени со изградбата на трите кружни текови и дислокацијата на времените објекти од пред општинската зграда, вели Дехари.
Градежните активности ќе продолжат со целосно реконструкција на тротоарите од обете страни на улицата, инсталирање на ново јавно осветление, ќе биде отстранет горниот слој на асфалт по целата должина и ќе биде поставен нов асфалт.
-Во делот на овие активности е и дислокација на времените објекти наспроти ОУ„ К.Ј.Питу“, рече градоначалникот Дехари и посочи дека целосната финализација на оваа улица треба да се заокружи најдоцна до крајот на септември, кога Кичево ќе добие нова современа сообраќајница со сите атрибути што ќе ги задоволи како естетските така и функционалните критериуми.
Тој нагласи дека иако за времените објекти пред основното училиште, на сопствениците им се издадени решенија за нивно отстранување, се уште поголем дел од нив немаат постапено по тоа решение и се планира тоа да се случи во текот на наредната недела а на нивно место ќе биде изградено катче за одмор на жителите од блиската населба.