Го донесовме вистинскиот вкус на Италија во „Ботега дел Густо“ во срцето на Скопје

0
28

Во центарот на Скопје, во „Ботега дел Густо“ може да го доживеете вистинскиот вкус на Италија. Тројца пријатели Драган Лазаров, Марјан Николов и Златко Коцев како големи вљубеници во италијански деликатеси пред неколку месеци ја отворија оваа уникатна продавница на деликатесни италијански прехранбени производи.

„Наша главна дејност се деликатесните производи со потекло од Италија и тоа вклучува голем избор на сувомеснати производи, и тоа: повеќе видови пршут, особено Пршут Парма, панчета, типични салами, како Наполи, Милано, Фелино, мортадела; како и избор на сирења: свежа Моцарела Буфала, Бурата Буфала, пармезан, азијаго, итн. кои ги увезуваме директно од производителите од Италија. Во нашата продавница може да се најде и селектиран избор на паста, сосови, вино и други продукти кои ја комплетираат понудата“, ни раскажа Лазаров.

Како дојдовте до идеја за ваква бизнис иницијатива?

Идејата започна многу спонтано и искрено помеѓу партнерите, кои ја споделуваме љубовта кон италијанската храна и кујна. Едниот од партнерите, Марјан, подолго време живееше во Италија и често патуваше, па на секое патување имаше куп нарачки од нас. Сето тоа, колку и да беше задоволство за нас, од практичен аспект не е одржливо од причина што станува збор за храна која се консумира свежа. Направивме анализа на пазарот и увидовме дека всушност свежи деликатесни производи со потекло од Италија речиси и да нема и се ограничени на неколку селектирани маркети и тоа во мал број и при тоа, таа понуда не ги задоволуваше пребирливите вкусови. Преку наши лични контакти во Италија се поврзавме директно со производители од каде што ги набавуваме производите и можеме гордо да констатираме дека ова е првата продавница од ваков тип во нашата држава.

Имавме сериозни предизвици на почетокот, особено со транспортот, поради Ковид кризата, но и поради кратките рокови на свежите производи, како што е моцарела, но сите успешно ги надминуваме. Сметаме дека доаѓа период на закрепнување и раст на економијата, особено во сегментот на храна. Нашата предност е во тоа што сме уникатни во понудата и пристапот.

По што се разликуваат производите во „Ботега дел Густо“ од она што е слично и може да се најде на друго место?

Се одлучивме на концептот на Ботега од причина што сакаме да носиме и промовираме карактеристични производи. Секој регион, град и село во Италија има свои типични производи, а нашата цел е да имаме што е можно повеќе од нив и кај нас. Секој производ пред да го увеземе, го избираме ние самите и го вкусуваме, па така целата понуда која ја имаме е внимателно селектирана и секое ширење на понудата го правиме на истиот начин. Воедно, внимаваме при изборот, секој производ да биде приемчив за нашиот пазар и да одговара на потребите на потрошувачите. Сите производите се од врвни производители од Италија со долга традиција на докажан квалитет. Овде би ги издвоил пред се Умберто Боски од Парма, од каде што имаме најголем избор на сувомеснати производи кои се постојано препознаени и наградувани во Италија и во светот. Благодарение на нивната отвореност и посветеност во соработката со нас, имаме можност и кај нас да уживаме во врвни деликатеси. Истиот пристап го имаме и со дополнителните производи кои ги нудиме, како паста, сосови, вино, и сл. кои ја надополнуваат понудата со цел да се заокружи приказната.

Кои се главните потрошувачи на производите од „Ботега дел Густо“?

Златко Коцев: Главно сме фокусирани на потрошувачите кои се љубители на италијанската храна, но и сите оние кои имаат изострен вкус и сакаат да пробаат нешто различно. Во нашата продавница несебично посветуваме време и внимание на секој купувач кој сака да знае повеќе за било кој производ. На наше големо задоволство, круг на потрошувачи се шири и тоа кај сите возрасти и најчесто преку пренесено лично позитивно искуство, што за нас е најголема сатисфакција. Се разбира, поголемиот сегмент од нашата работа е продажба на големо на селектирани клиенти – ресторани кои имаат специфична понуда во која се вклопуваме и ја надополнуваме. Градиме отворен и пријателски пристап со сите наши клиенти со кои постојано бараме нови начини на промоција. Исто така отворени сме за соработка со сите кои имаат интерес од овие производи.

Посветуваме многу големо внимание и сериозно инвестираме во едукација и промоција, сѐ со цел потрошувачите од блиску да се запознаат со потеклото и карактеристиките. Како што потенциравме, тоа го правиме непосредно во малопродажбата каде што посветуваме внимание на секој еден потрошувач, но и на настани и промоции посветени на италијанската храна и култура. Работиме и со професионалци во сегментот на храна кои ги нудат нашите производи со цел целосно и точно информирање. Во последните години има нагорен тренд на популаризирање на автентичната италијанска храна, а еднаш кога ќе го откриете вистинскиот вкус на Италија, останувате посветени цел живот. За оваа наша мисија имаме голем поддршка од партнерите од Италија, како и од организациите на Италијанскиот бизнис кај нас.

Какви се плановите за во иднина?

Постојано размислуваме и работиме на внесување на нови производи и проширување на местата каде што ќе може да се вкусат. Сите планови за иднината се во насока на ширење на асортиманот и во сите сегменти на храната. Новите канали на дистрибуција во комбинација со промотивни кампањи и настани се пат кон исполнување на нашите цели за ширење на понудата. Убавината на нашата работа е што имаме бескраен простор за креативност.