„Во многу држави во светот може да се учи македонски јазик и за тоа се добива диплома, но само во Хрватска и Шведска кои се членки на Европската унија, во самото свидетелство за завршено одделение стои и предметот Македонски јазик и култура, со оценка. Така нашиот јазик е рамноправен со сите други јазици“, вели за весникот ВЕЧЕР Белчовска Велинска. Таа со гордост кажува дека е првата наставничка од Македонија која рамноправно предава со своите хрватски колешки во две основни училишта во Загреб, запознавајќи ги децата со македонскиот јазик. Таа додава дека настава по македонски јазик се одржува и во училиштата во Пула, Ријека, Сплит, Осијек…
Деспина Белчовска Велинска е мајка, сопруга, наставничка… и Македонка, која животниот пат ја однел во Хрватска, поточно во Загреб каде речиси петнаесет години го предава македонскиот јазик. Родена е и одрасната во Русиново каде, како што вели, го поминала најубавиот дел од својот живот и таму го запознала и својот животен партнер, а во меѓувреме завршила и Педагошки факултет во Скопје. Таа денес со гордост кажува дека е првата наставничка од Македонија која рамноправно предава со своите хрватски колешки во две основни училишта во Загреб, запознавајќи ги децата од македонските или мешани семејства, но и оние со чисто хрватско потекло, со јазикот на Македонците. Нејзината приказна за работниот ангажман во Хрватска, пак, е полна со упорност, работа и многу љубов кон она за што се школувала…
„Мојот сопруг е свештеник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и првите години од бракот живеевме во Штип, Виница, Скопје, а во 2004 година тој беше испратен како свештеник за Македонците во Хрватска со седиште во Загреб. Заминавме фамилијарно, мислевме дека сопругот ќе го одработи тој четиригодишен мандат и дека ќе се вратиме во Македонија, но Божјиот план бил поинаков. Во меѓувреме почнавме да учиме за животот во Хрватска, какви се нашите права, обврски и дојдовме до информација дека секое национално малцинство има право на образование на својот мајчин јазик, но и дека тоа го финансира хрватската држава. Од тука тргна и идејата да отвориме Школа за македонски јазик во Загреб. Поднесовме барање од Македонската православна црква до Министерството за образование на Хрватска, после следеа неколку официјални средби во Министерството за образование на Хрватска, отсек за националните малцинства. Ни кажаа дека треба да имаме ученици, програма и просторија каде би се одржувала наставата“, ја започна Белчовска Велинска својата приказна за патешествието кое требало да го помине за да се отвори Школа за македонски јазик во друга држава.
Во Хрватска има деца кои сакаат да учат македонски
А дека во Хрватска има деца кои сакаа да го научат јазикот на своите претци доказ беа и првите ученици кои почнаа да ги посетуваат часовите.
„Ги прашавме родителите кои доаѓаа во македонската православна црква ‘Света Злата Мегленска’ и ги среќаваме во Македонската заедница, дали би ги запишале своите деца доколку се отвори Школа за македонски јазик. Одлично беше што имавме позитивен одговор, а програмата ја добивме од Министерството за образование на Македонија кои имаат програма за Македонците во дијаспората. Тоа беше програма со која почнавме во 2006 година. Кога ги добивме потребните документи во ресорното Министерство во Хрватска не прашаа каде би ја држале наставата. Тогаш најмудра одлука ми беше тоа да биде во некое од училиштата во Загреб. И пред тоа имало обиди да се отвори Школа за македонски јазик, или да се одржуваат часови во Македонската заедница, што е за поздравување, но за жал тоа не заживеало. Кога кажав дека сакам да држам настава во училиште, се јавија неколку кои имаа простор, а добивме и информација за училиштето ‘Никола Тесла’ во населбата Пречко. Во ова училиште имавме прекрасен директор кој е веќе во пензија. Тој широко ги отвори вратите за настава по македонски јазик. Прво започнавме со часови во сабота бидејќи многу беше тешко наставата да се држи од понеделник до петок. Таа сабота беше резервирана за македонски јазик и тоа беа тие почетоци“, вели Белчовска Велинска.
Рамноправно вработена во училиштето
Кога почнаа, имаше 7- 8 ученици од прво до осмо одделение, кои учеа во две групи. Најдобар момент како што вели, е тоа како беа примени во училиштето “Никола Тесла“.
“Директорот веднаш рече ‘нема проблем ќе ми биде задоволство’, и на тој начин со влегувањето во училиштето станав член на наставничкиот совет, равноправно вработена како секој друг професор. Станав наставник по македонски јазик за националните малцинства. Ме примија како дел од нив, а како учител се образувам и надоградувам. Интересно е што постојано нагласуваат со гордост – ние сме првото училиште во Загреб во кое се изучува македонскиот јазик. Самите учители ја кажуваа таа можност, која беше претставена и на самата веб страница на училиштето. Тоа се кажуваше и на родителските средби. Така од година во година јас почнав да добивам ученици од истото училиште кои немаат врска со Македонија, но од љубопитност, или од најразлични причини, од 7-8 ученици сега има 44. Согласно правилниците, учениците мораа да бидат поделени во групи според возраста, бидејќи првооделенците не го знаат кириличното писмо, во трето веќе го учат и поради тоа разговарав со директорот дека децата доколку учат заедно од сите одделенија нема да можат да го добијат потребното знаење. Така почнав на малите од прво до четврто одделение да им одржувам часови во петок додека се на целодневна настава…“, вели Белчовска Велинска.
Од пред седум години македонскиот јазик се изучува во Загреб во уште едно училиште, а тоа е „Аугуст Харамбашиќ“. Ова како што вели Белчовска се случува во 2014 година кога една мајка Македонка со три деца не можела да ги носи од источниот дел на Загреб во ОУ „Никола Тесла“, бидејќи ѝ било далеку. „Таа праша дали е можно да се отвори ново школо и добивме право во уште едно училиште да се изучува македонскиот јазик“, објаснува Деспина Белчовска Велинска.
Достапен материјал за изучување на македонскиот јазик
Во однос на учебниците и пишаниот материјал за изучување на македонскиот јазик ни кажа дека и во двете училишта има библиотеки, а и Македонската заедница е доста активна во Загреб со преведување на македонските автори. Тие книги секој ученик ги добива, а има и дел со македонска литература и книги и поединечни изданија кои се чуваат во библиотеките. „Децата знаат и секогаш може да позајмуваат литература за читање. Учебниците и наставните материјали се сепак најболната точка, што се однесува до сите нас кои во светот го предаваме македонскиот јазик, затоа што тешко е да се прилагоди еден учебник кој би бил идеален за работа. Такви учебници од Министерството за образование во Македонија немаме. Има приватни изданија, од оние кои предаваат во Франција и Германија , но тие се несоодветни за децата во Хрватска“, вели Белчовска Велинска. Таа е и единствен наставник по македонски јазик од основно училиште во Загреб, но има и колешка Ивана Лазаревска која предава во средно училиште.
Инаку, македонскиот јазик се учи и во Пула, Ријека Сплит, Осијек.
„Македонскиот јазик е изборен предмет во основно училиште и влегува со оценка во свидетелство. Во Хрватска која е членка на Европската унија во свидетелство на учениците им пишува Македонски јазик и култура, па така нашиот јазик е рамноправен со сите други јазици“, додава Белчовска Велинска. Покрај Македонската заедница во Хрватска, во Загреб додава, функционира и Совет на национални малцинства.
„Советот е институција која има можност и веќе десет години ни го финансираат патот за летната школа во Охрид. Агенција за иселеништво ги организира летните школи, но патот на учениците се финансира од Советот. Во Хрватска разбираат дека децата кои учат македонски јазик треба да бидат наградени и да ја видат таа Македонија за која слушаат. Од Министерството за образование на Хрватска, пак, на островот Шолта се финансира престојот на сите македонски деца од цела Хрватска. Исто така целото финансирање мое и на учителките по македонски јазик е од Министерство за образование на Хрватска, а ефектот е голем. Во многу држави во светот може да се учи македонски јазик и за тоа се добива диплома, но само во Хрватска и Шведска во самото свидетелство е напишан предметот Македонски јазик и култура – со оценка“, вели Белчовска Велинска, за која е многу важно да се негува и почитува сопствениот јазик и сопствените корени.
Голем акцент и на македонската култура
Таа посочува и дека учејќи го македонскиот јазик голем акцент се става и на македонската култура. „Додека се децата помали читаме песнички и книги од македонски автори, ги запознаваме градовите, учиме за познатите музичари и ликовни уметници, за спортисти. И во образовниот систем на Хрватска учат за Македонија и секогаш имаат дополнителна задача како проекти за Македонија, кои можат да им го зголемат просекот. Тогаш бараат и помош од мене. Тука незаобиколен дел, е и традиционалната музика. Организираме средби со македонски спортисти, музичари, ликовни уметници и воени лица кои престојуваат во Загреб. Таа координација и соработка со Македонската заедница е голема. Исто така кога има прослави децата настапуваат со големо задоволство. Меѓународниот ден на мајчиниот јазик 22 февруари го одбележуваме шеста година по ред. Овојпат беше онлајн и тоа е денот кога сите национални малцинства го претставуваат својот јазик, што беше добро проследено од медиумите. Во изминатата пандемиска година наставата ја државме и со физичко присуство и онлајн во зависност од препораките на Националниот стожер. И сега ни кажаа да ги следиме состојбите и се подготвуваме за настава во живо, но како ќе биде ќе видиме“, додава наставничката Белчовска, за која да се биде учителка е една од најубавите професии, но и најодговорните.
Ја запрашавме и дали децата се запознаени со состојбите во Македонија околу името и непризнавањето на македонскиот јазик.
„Децата слушаат од нивните родители и емоциите кај нив се различни. Знаеме и со поголемите деца да читаме портали, весници и интересни теми, но тие се информирани и веќе знаат критички и индивидуално да имаат свои ставови и да размислуваат. Да, децата од повисоките одделенија се запознаени со состојбите“, вели Белчовска Велинска.
Посетата на Македонија сама по себе е голема радост
Белчовска Велинска која во моментов на нашиов разговор со сопругот и своите две деца е на одмор во Македонија, посочува дека за нејзе родната земја е место кое само по себе ѝ причинува големо задоволство.
„Доаѓаме во летниот период, но не и преку годината бидејќи краток е периодот во кој сме слободни. Цела година сме во Хрватска, а на лето доаѓаме и остануваме долго. И најубаво ни е тука. Македонија сама по себе ми е голема радост. Тука се и средбите со роднините, пријателите. Ние сме во Берово и ова е идеален град за во лето. Тие средби со сите на едно место, ни се најубави, но знаеме и фамилијарно да ги посетуваме македонските градови и села, манастирите, верските центри, манифестации…“, вели Белчовска Велинска. А во септември ја чекаат нови обврски кон Македонците во Хрватска.
„Сега работиме на нов проект со колешките. Пред три години во сила е нов план и програма за работа. Со промените во образованието се менува и самата програма по која се работи и пред почетокот на летните празници се договоривме да ја подготвиме и од први септември да го предадеме во Министерството за образование. Се работи за прилагоден план и програма за работа усогласен со сите национални малцинства, а во случајов за изучување на македонскиот јазик. Има и други проекти кои ги започнуваме…“, додава Белчовска Велинска за која воспитувањето на млади генерации е пред сè одговорност, за што е потребна голема љубов, трпение и напорна работа. Целта, пак, е сите овие деца со радост да ги посетуваат часовите, а нивниот интерес и креативност е награда за секој професор. (Д.Т.)