Ресен ќе прави листа со специјални возила што може да дејствуваат во пожар

0
297

На територијата на општина Ресен ќе се прави листа со специјални возила кои можат да се вклучат во справување со пожарите. Ова беше еден од заклучоците на денешниот состанок на градоначалникот Живко Гошаревски со претставници на шумската полиција, шумското претпријатие, полицијата, ловното друштво, јавното комунално претпријатие „Пролетер“, Центарот за спасување и заштита, Дирекција за заштита и спасување, инспекторските и ренџерските служби кој, како што информираше градоначалникот, се одржал поради алармантната состојба со пожарите на територија на државата.

– На состанокот се разговараше за заедничкото дејствување на сите институции како единствен начин за најдобра превенција од пожари. Како и во целата држава, така и на територија на Општина Ресен е забрането движењето низ шумите, освен за вработените од шумската полиција, шумското стопанство и операторите со дрва, изјави Гошаревски по состанокот.

Градоначалникот додаде дека претставници од институциите ќе одржат состаноци со месните заедници за да ги запознат со мерките за заштита од пожари. Апелирајќи на одговорност за заштита од пожари, Гошаревски потсети на броевите од итните служби 192, 193 и 195, каде граѓаните, доколку забележат пожар треба веднаш да го пријават.