Струга доби Основно општинско музичко училиште

0
225

Во Струга од оваа учебна година почнува со работа Основното општинско музичко училиште, каде децата ќе може бесплатно да учат пијано, виолина, гитара, кларинет, саксофон, труба, флејта, хармоника, ударни инструменти и соло-пеење.

Директорот на новоформираното Општинско училиште, Алтин Зиба, информираше дека уписите ќе бидат од 23 август до 10 септември, а ќе може да конкурираат ученици кои се запишани во редовна настава во некое од основните училишта во општината.

– Се е подготвено и од 1 септември ќе почне наставата во Основното општинско музичко училиште. Интересот е голем кај стружани, кои изминативе години плаќаа приватни часови за нивните деца музички да се едуцираат. Конечно децата од нашата општина ќе може бесплатно да учат да свират на повеќе инструменти, како и соло пеење, согласно државните наставни планови и програми, изјави Зиба за МИА.

Наставата ќе се одвива индивидуално и групно, согласно изборот на инструментот, односно пеењето.

– Во Струга постои средно музичко училиште и ова е почетна основа за учениците. Мора да имаме основно, од каде учениците со предзнаење ќе продолжат да го надградуваат својот талент, рече Зиба.

Новоформираното Основното општинско музичко училиште ќе биде сместено во просториите на старата градинка „8 Март“.