На први и втори август 2021 година се одржаа „48 Љубански илинденски иселенички средби“. Тие се значајна иселеничка манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и за Македонија.
Четириесет и осмите „Љубански илинденски иселенички средби“ започнаа во дворот на старото училиште „Димитар Влахов“ со македонската химна и со поздравните говори на д-р Живко Гошаревски, градоначалник на Општина Ресен и д-р Венко Филипче, министер за здравство, со што Средбите беа прогласени за отворени.
Во организација на „Одборот за прослава на средбите“ на чело со Васил Томулевски, оваа година на Илинден во Љубојно се собраа бројни иселеници од прекуокеанските земји, од Европската Унија, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи од Претор, Сливница, Долно Дупени, Брајчино, Наколец, Штрбово, Арвати и Крани, како и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско, Леринско и од Мала Преспа.
Средбите започнаа со литературна манифестација посветена на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески. По тој повод беше промовирана стихозбирката „Раѓање“ од поетот Бошко Рајчовски-Пелистерски од Детроит, Соединетите Американски Држави (САД), за која зборуваше проф. д-р Виолета Ачковска, а песната „Тешкото“ ја рецитираше поетесата Анета Коруноски-Париз од Чикаго, САД. Потоа, беше промовирано делото „Преспанска разгледница“ од Славе Катин од Љубојно. Промотор беше познатиот новинар, колумнист и публицист Веле Митановски од Охрид.
Потоа, традиционалните четириесет и осми „Љубански илинденски исредби“ продолжија со народна веселба во Центарот, познат како „Полена“ во Љубојно, каде беа собрани голем број посетители. Веселбата ја збогатија младите и полетни играорци на Друштвото „Гоце Делчев“ од Битола и КУД „Новаци“ од Новаци, кои се претставија со грст македонски народни ора и песни, за што беа наградени со аплаузи.
Иселеничките средби се исполнети со интересни содржини. Тогаш ечат песни и ора, се радуваат луѓето на многуте визити, видувања, спомени и завет – дека каде и да се, ама на Илинден, во Долна Преспа да се.
Овој голем ден на верската и националната симболика на македонскиот народ ја издигна до ниво на магија која го поврзува, независно дали се наоѓа во Македонија, Австралија, Европа, Канада, САД, Европската Унија или на други простори во светот. Овој македонски празник е ден над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите.
Во текот на средбите присутните ги забавуваа групата „Персиди“ и естрадните уметници Елена Велевска, Елена Јовческа, Соња Ристевска, Снеже Радичевска, Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски, кои со своите познати македонски песни оставија убав впечаток кај присутните. Исто така, на средбите се претставија и ученици кои потекнуваат или беа гости во Љубојно. Нивните игри и песни беа проследени со големо внимание и беа наградени со искрени аплаузи од публиката.
Инаку, „Љубанските илинденски иселенички средби“ се доживуваат свечено и празнично во сите куќи во Љубојно и кај сите посетители. На Илинден Љубојно добива свечен празничен лик. Тогаш се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што доаѓаат и се среќаваат со своите роднини, пријатели, познати…
Токму на Илинден во Љубојно со гордост се истакнува бурното минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Тоа е резултат на фактот дека на првиот Илинден во 1903 година се случиле бурни и драматични настани, а и во текот на окупацијата Љубојно беше едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија во Преспа.
На прославата на четириесет и осмите „Љубански илинденски иселенички средби“, се потврди дека родното место, со невидена сила ги привлекува иселените повторно да се вратат на дедовските корени. На средбата во прекрасната атмосфера присутните ги доживееја деновите и моментот како во поранешните времиња. На иселеничките средби сите се дел од многубројните случувања кои остануваат за паметење во родното печалбарско Љубојно.
Како и сите изминати години и оваа година на денот Илинден во црквата „Свети Илија“ во Љубојно се одржа традиционална богослужба на која присуствуваа голем број верници од Љубојно и гости на средбите.
Традиционално и годинава, Агенцијата за иселеништво го спонзорираше коктелот на средбата.