Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во име на Општината потпиша договор со Министерството за животна средина и просторно планирање за доделување средства остварени по основ на надомест за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации.
Со Договорот, Општина Центар од МЖСПП доби на располагање 2.857.657 денари кои ќе бидат искористени за активности од програмата за зашитата на животната средина на општината.
-Од средствата, 357.657 денари ќе бидат искористени за изработка на Програма за енергетска ефикасност на Општина Центар за периодот од 2021-2024 година, а 2.500.000 денари за реконструкција на фасадата и изведба на термоизолација на фасадни ѕидови на градинката „13 Ноември“ – објект „Јасмин“, информира Општина Центар.
– Покрај урбаното зеленило, во изминатите три години се заменети вкупно 77 оштетени лифтови и покриви, а во подготовка е и проектна документација за поставување фотоволтаици во сите основни училишта во општината, со што значително ќе се намалат сметките за струја и греење во зимските месеци, наведува Општина Центар.
Покрај новото ООУ „Киро Глигоров“, енергетски ефикасни фасади и покриви досега се поставени во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“, како и во градинките „Раде Јовчевски Корчагин“ – објект „Пепелашка“, кој беше целосно реконструиран во соработка со Проектната единица на Министерство за финансии и МСИП-проектот, финансиран преку Светската банка.
– Заложбите за намалување на загадувањето на воздухот, паметното користење и заштеда на енергија, вклучително и заштитата на животната средина, се видливи од секојдневните активности на општината поврзани со одржувањето на хигиената на уличната мрежа, но и со замената на оштетеното и исушено парковско зеленило, кое е под општинска надлежност, соопшти Општина Центар.