Продолжува изградбата на нови улици во руралните средини во беровскиот регион

0
318

Продолжува изградбата на нови улици во руралните средини во беровскиот регион. После долги години како што информираа од Општината се решава децениски проблем за жителите на улица ,,Брашнарска” во село Владимирово.

-По повеќе години, асфалтирана е оваа улица во село Владимирово во должина од 48 метри и широчина три метри. Со ова повеќе семејства, од беровското село Владимирово, добија олеснет пристап до нивните семејни куќи и после долги години, повеќе нема да стигаат по кал до дома, со што ќе им се подобри квалитетот на живот, ќе добијат соодветна инфраструктура и ќе им  се олесни пристапноста, истакнаа од Општината.

Освен поставувањето асфалт на оваа и уште неколку улици градоначалникот на Општината Звонко Пекевски кој изврши увид во работите, додаде дека деновиве е асфалтирана и  улицата ,,Борис Кидрич” , а наскоро ќе се пристапи и кон реконструкција на улица број „7″ во Берово.

-Подобрувањето на патната инфраструктура, за рамномерен регионален развој на сите рурални средини, останува приоритет за нас како локалната власт, при што во моментот може да се каже дека се интензивирани активностите за подобрување на патната инфраструктура, додаде Пекевски.

За реконструкција на улица ,,Брашнарска” од општинскиот Буџет за 2021 година, од општината дополнија дека се исплатени 600 илјади денари.