Д-р Снежана Џамбазова-Попорданоска – Да живееме исполнет и значаен живот, значи сесрдно да им помагаме на другите, а истовремено да го правиме она што ни го исполнува срцето со радост

0
242

Позитивниот начин на размислување е исто како да ги отворите прозорците на вашиот дом, овозможувајќи му на сонцето да ги исполни сите соби со светлина. Запомнете дека кога ќе го промените вашиот начин на гледање на работите, ќе настанат вистински позитивни промени во вашиот живот!

H: Вашата кариера започнува како доктор по општа медицина, а потоа целосно се посветувате на науката на психологијата. Што беше пресудно да ја донесете оваа одлука?

Еден од најпознатите американски писатели, Марк Твен рекол: „Двата најважни дена во вашиот живот се денот кога сте се родиле и денот кога ќе дознаете зошто сте се родиле.”

Кога во 2004 година заедно со мојот сопруг, Емил донесовме одлука да заминеме за Австралија, јас бев принудена да ја напуштам мојата работа како доктор по општа медицина, како и сите мои роднини и долгогодишни пријатели во Македонија. Во тие пресудни моменти, јас одлучив да се свртам кон себеси и да тргнам по патот кон себеспознавањето. Под водство на  моите мудри учители во животот,  успеав длабоко да  се спознаам себеси и да соберам храброст да го следам патот на моето срце. Најпрвин се запишав на Австралискиот Институт за Професионални Советници, каде се стекнав со диплома за психолошки советник. Веднаш потоа, се запишав на докторски студии на еден од водечките универзитети во Мелбурн, на Дикин Универзитетот, каде се стекнав со титулата доктор на психолошки науки.

Јас сум цврсто убедена дека секој од нас има единствена мисија на овој свет. И секој од нас има уникатна комбинација на вредности, таленти и пасии кои водат кон нашето идеално креативно изразување. Доколку сакаме да живееме среќен и исполнет живот, многу е важно да ја пронајдеме нашата идеална професија во животот. Да живееме исполнет и значаен живот, значи сесрдно да им помагаме на другите, а истовремено да го правиме она што ни го исполнува срцето со радост. На тој начин, ќе успееме да ја исполниме нашата мисија на Земјата, што за возврат ќе ни предизвика чувство на огромно внатрешно задоволство, што јас постојано го доживувам во текот на мојата работа.

H: Работите како психолошки советник и имате постојани средби со луѓе на кои им е потребна Вашата помош. Како успевате да го избалансирате Вашиот мир?

Секој од нас е составен од три дела: тело, ум и душа. Јас сметам дека само ако секојдневно ги негуваме овие три дела од нашето битие, ќе можеме да постигнеме хармонија на физичко, ментално и духовно ниво. Јас научив да живеам во согласност со циклусите на природата, секојдневно негувајќи ги физичкиот, менталниот и духовнитот аспект од моето битие.  Со други зборови, секој ден одвојувам време за медитација, за мојата омилена физичка активност, читам книги за личен и духовен развој, ја изразувам мојата креативна енергија преку пишаниот збор и секако, уживам да го поминам времето во кругот на семејството и на пријателите. На овој начин, успевам да одржам оптимален проток на животната енергија низ моето тело.

Освен тоа, мојата работа како психолошки советник многу ме исполнува. Во мојата работа со пациенти од преку 100 различни култури, религии и националности ширум светот, со голема посветеност им помагам на луѓето да го пронајдат својот внатрешен мир и да му се радуваат на животот. Најчесто, само после неколку сесии со мене, се случуваат огромни позитивни промени во нивните животи, што за мене е најубавата музика за моето срце. Длабоко во срцето знам дека преку оваа работа ја остварувам мојата мисија на Земјата, а тоа е да им помагам на луѓето ширум светот да го надминат страдањето и да стигнат до изворот на постојан мир и трајна среќа што постои во сржта на нашето битие.

H: “Да се живее поинаку“ ја посветивте на читателите со надеж дека ќе им помогне да ги пронајдат мирот и радоста во себе. Во неа, велите дека секој човек е создаден да биде радосен и среќен во секој момент во животот. Иако, тоа е нашата природна состојба која ни е дадена од самото доаѓање на овој свет, зошто е некогаш многу тешко да се пронајде во себе?

Секој од нас може да постигне состојба на постојан внатрешен мир и трајна среќа, доколку сме подготвени да го зголемиме нашето ниво на свест. Важно е да разбереме дека нивото на нашата свест го одредува нивото на нашата среќа. Тоа е така затоа што нашето ниво на свест одредува какви искуства ќе привлечеме во нашиот живот. Значи, преку нашето моментално ниво на свест ние ги креираме нашите животни искуства.

Најважно од сѐ е, секој од нас да се грижи за својот личен и духовен развој и да се стреми да го зголеми своето моментално ниво на свест. Најбрз и најефикасен начин да се постигне повисоко ниво на свест е со работа на нашиот личен развој под водство на духовен учител, психолог или советник во кого имаме доверба. Во суштина, животот треба да се разбере како едно духовно патување. Доколку луѓето ги занемарат своите духовни вредности, како што се љубовта, почитта, скромноста, алтруизмот и емпатијата, тие ќе станат духовно празни и безживотни. Следствено, тие ќе станат себични, плашливи и ќе имаат тенденција да манипулираат, па дури и да се однесуваат агресивно кон другите луѓе. Кога луѓето ќе ја изгубат врската со духовноста, тие се изложени на страдање, бидејќи животот им изгледа неподносливо тежок и им е исполнет со чувство на разочараност и длабока празнина. Како што Хсинг Јун мудро кажал: „Најважното нешто во животот е да ја замените алчноста со дарежливост, омразата со емпатија, измамата со мудрост и љубомората со почит. Само тогаш ќе бидете благословени со просветлен живот.”  

Во суштина, секој ден можеме да донесеме свесна одлука дали ќе респондираме од позиција на страв или од позиција на љубов. Доколку одлучиме да се однесуваме со љубов кон секое човечко суштество со кое ќе стапиме во контакт, ќе успееме да ги надминеме сите наши стравови, да ја победиме лутината и да го надминеме страдањето. Со зголемување на нивото на самосвеста, целото наше битие ќе биде исполнето со љубов, која постојано ќе се изразува преку нашата креативност и емпатија кон секое живо суштество. Така ќе креираме повеќе искуства на нашава планета кои се засновани на љубов и хармонија.

H: Во модерниот свет кој е многу динамичен, а начинот на живот често е диктиран од самите општествени норми, како да се задржи вниманието кон себе и да се ужива во животот?

Секој од нас може да постигне состојба на високо ниво на свест, а тоа е таква состојба кога сме потполно присутни во сегашниот момент-овде и сега. Поконкретно, тоа е состојба на свеста кога не ги осудуваме или критикуваме нештата, луѓето или настаните, туку ги прифаќаме токму такви какви што се. Во оваа состојба на свеста, умот не е обземен со мисли и чувства поврзани со минатото или иднината. За да го направиме ова, најпрво треба да сфатиме дека сегашноста е сѐ што имаме, бидејќи овде и сега е единственото време кога постоиме, кога навистина сме живи. Тоа може да го постигнеме така што секојдневно ќе го насочиме целокупното свое внимание само на она што го мислиме или на она што го правиме во дадениот момент. На пример, кога јадеме, нашето внимание треба во потполност да биде фокусирано на процесот на конзумирање на храната. Кога читаме, треба да се сконцентрираме исклучително на она што го читаме и така натаму.

Преку различни техники на концентрација на умот кои детално се опишани во мојата книга „Да се живее поинаку“, може лесно да ја достигнеме оваа состојба на висока свест, a притоа да се чувствуваме спокојно и опуштено однатре. На овој начин, ќе станеме поефикасни и попродуктивни во текот на денот, а истовремено со задоволство ќе ги извршуваме обврските во животот. Само така ќе можеме целосно да ја уживаме сегашноста и да му се радуваме на секој миг од животот.